Во петок се отвора модуларната болница во Штип

Нови 47 легла во модуларната болница во Штип ќе бидат ставени на располагање на пациентите од источниот дел од државата, откако утре комплетно ќе биде инсталирана централната станица за кислород. Приемот на пациентите се очекува да почне во петок. Клиничката болница е под голем притисок на нови пациенти со ковид-19, откако нагло порасна бројот на заболени.

Последните денови над 60 ковид пацинети се хоспитализирани на повеќе одделенија во штипската болница, а дури 47 се на кислородна поддршка, што укажува на сериозноста на здравствената состојба.  

„Два пати дневно имаме прием на кислород. Се троши по 800 литри на ден, за разлика од поранешниот период, кога највисоките дневни количини изнесуваа до 500 литри. За разлика од периодот ноевмри-декември, кога беше пикот на епидемијата, кога највисоката потрошувачка изнесуваше 16 тони, сега потрошувачката на кислород е 25 тони“, изјави Ален Ѓеорѓијев, директор на Клиничката болница во Штип.

Пациенти има од сите делови на источниот регион. Од оваа недела адаптиран е и простор на Кардиологија за ковид пациенти. Инфективното одделение е полно, како и просторот на Кожното одделние, каде има 10 пациенти. Во секое време има по над 60 пациенти.

Во Штип, според Центарот за јавно здравје, бројот на активни пациенти е над 580, а во изминатите десетина дена има над 320 нови пациенти. Дури половината од тестираните се позитивни.