Дачиќ “се је савио”, “да га Вучиќ не би поломио”!?

Охрид, 04.01.2017

Колумна на Веле Митаноски
Колумна на Веле Митаноски

Како новинар, тогаш директор на “Радио Охрид”, во осумдесетите години на, сега веќе минатиот век, го имав задоволството и неповторливата прилика за еден новинар, десетина дена да му бидам домаќин (по молба на пријателот Тихомир Илиевски), да другарувам, со тогаш живата легенда на југословенско новинарство, од  исто така некогаш легендарната “Политика”, Предраг Милоевиќ.

 

Новинарот кој известувал од судскиот процес против Георги Димитров за палењето на рајхстагот.

Го сместив во тогашниот хотел “Парк”, истиот оној – кој подоцна го изедоа “транзициските скакулци”, за од него да направат зградурина со викенд станови за продажба, под прозорецот на нашиот Прецедател ( од вилата “Биљана”, и малку потака – на, сега веќе, демек бившиот премиер(!?).

Mу пружив добар одмор, и се разбира како “добар домаќин” добро го  “експлоатирав” со еден двочасовен разговор, во емисијата “Во сабота со вас”.

Времето летна, поминаа 3,5 децении, а неколку секвенци од разговорот (ми ја подари и книгата “О људима и ќудима”), трајно ми се врежаа. Првата, за одговорот на Димитров, на навредата од првенците на хитлеровото опкружување, за “примитивноста на Словените!”. “Кога ние имавме писменост и азбука, кај вас беше нобл да зборувате француски, а германскиот го употребувавте само во шталите – со коњите!?”, беше им одговорил Димитров. (За помладите, висок бугарски и коминтерновски политичар).

На втората секвенца, можеби и немаше да се присетам, ако на тоа не ме потсетеше колегата – новинар од Радио Куманово “из војничких дана у ЈНА”, сегашниот српски министер за надворешни работи и поранешен “Ја до њега” –  “први потпретседник премиера Вучиќа!”.

Овај “радиски новинар из Куманова”, пред некој ден, дебело ја “опаучи” Македонија, затоа што го признала Косово (за што нема никаква основа) и што не гласала, “бар суздржано”, околу приемот на Косово во Унеско, за што има барем основа за размисла!

Во мојата, прва реакција, подоцна преточена во колумна: “Дачиќу пачиќу, даќемо ти Велико Илино”!?( Либеретас, Исток Прес…), не тврдев, ама изнесов став дека Дачиќ, всушност, се јуначи и пред некого “јаничари” за домашна употреба! Реагираше и македонското МНР.

Истата вечер, шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека сe согласува со ставовите со македонското МНР, дека не треба да се урива пријателството меѓу Србија и Македонија, со додавката дека тоа треба да важи и во Белград и во Скопје. ОК.

Испрати и една поука до “почитуваните колеги од Скопје”, оти “би морале да знаат дека со тоа го уриваат нашето пријателство. Тоа е јасна порака дека албанските интереси или нечии други, сеедно, им се поважни од пријателството со Србија“ !”Није е ОК, ама нека му биде!”.

Но, да и се вратам на втората секвенца, од разговорите со Предраг Милоевиќ. Таа се однесуваше на двајца видни политичари, од времето на Кралството на Србите и Хрватите, или првата Југославија, едниот Србин – Никола Пашиќ, другиот Хрват – Стјепан Радиќ.

Никола Пашиќ (1845-1926) е еден од легендарните српски политичари и државници, еден од основачите на Радикалната партија и нејзин лидер. Според некои податоци неговиот татко бил од  македонското село Рогачево. Според други, му се припишуваат бугарски корени. Нејсе, како и да било, десет години бил претседател на владата на Србија, уште толку (колега на Дачиќ) министер за надворешни работи. Нешто како Путин денеска, кога сакал и како сакал!?

Анегдотата на Милоевиќ, се однесува на неговата политичка долговечност, односно на неговата максима : “Мене можеш да ме свиткаш, ама не можеш да ме скршиш!”.

Стјепан Радиќ (1871- 1928), основач на хрватската Pučka seljačka stranka, исто така, важна политичка фигура во првата Југославија, ја имал максимата: “Мене можеш да ме  скршиш, ама не можеш да ме свиткаш!”.  Тоа свое политичко кредо го платил и со својата глава – бил застрелан во парламентот од страна на српскиот радикален политичар, Црногорецот Пуниша Рачиќ.

Интересно, Радиќ, се залагал за југословенство, а од овој политички  атентат почнува оддалечувањето на Хрватите и Србите, се до конечната крвава разделба во деведесеттите години.

ЕНДЕ. И премногу деновиве се занимавам со Дачиќ, а на вас оставам да процените во која категорија политичари ќе го сместите (според мерилата на Пашиќ и Радиќ!).