Ние провинцијалците …

Виница, 15.05.2017

  • Многу млади луѓе кои сакаат да останат да живеат во малите градови се среќаваат со повеќе пречки отколку бенефиции.
 Пишува: Николина Атанасова, новинарка
Пишува: Николина Атанасова, новинарка

Скопјанизацијата на државата е еден сериозен проблем, кој надлежните го игнорираат веќе подолго време, бидејќи така им одговара. Многу одамна во државата функционираа многу градови. Денес функционира само еден, кој моментално го направија безвреден. Големи градови како Штип, Битола, Прилеп се претвораат во пустелии. Старите скопјани не се ништо друго освен случајно родени луѓе токму таму. Потекнувам од едно мало гратче за кое постојано се шегуваат дека во него не се случува ништо. Не се далеку од вистината, но со причина.

Постојано слушам навреди, осуди, омаловажувања и кич текстови по портали за провинцијалците кои одат да живеат во „големите градови“. Никој од „градските“ не нè прашал како живееме. Многу млади луѓе кои сакаат да останат да живеат во малите градови се среќаваат со повеќе пречки отколку бенефиции. И покрај големата желба за своето родно место, принудени се да го напуштат. На крајот од денот најважна е егзистенцијата.

Убавините на животот не ги прави само работата. Ние не сме слушнале за премиера на филм многу одамна. Театарски претстави гледаме неколку пати во годината, реткост се и журките или други културни настани. Спортските натпревари кај нас се мисловна именка, а  трговските центри неисплатлива инвестиција. Гратчињата исчезнуваат, додека Скопје е пренаселено и премногу загадено. До каде ли ќе оди ова лудило?

Затоа доста не обвинувате зошто сите доаѓаме да живееме во Скопје или се иселуваме. Сите сакаме пристојни услови за живот и затоа посакувам да создадеме еднакви услови за сите. Малите градови не се помалку важни од „Големиот“.  Не дозволувајте сите заедно да пропаднеме во живиот загаден песок. Подајте ни рака, си одиме дома.