Од “лопатар” во ЈП Македонија пат до прв човек на ДПМНЕ во Крива Паланка

Крива Паланка, 27.03.2017

  • После ова именување, доведена е под знак прашалник и повторната номинација на актуелниот градоначалник Арсенчо Алексовски за идните локални избори.

По подолг период на несогласувања и поделби во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, конечно е избран нов координатор. Тоа е Игор Тодоровски, одговорно лице во подружницата на ЈП Македонија пат во Крива Паланка.

Тодоровски е вработен за време на предходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ како општ физички работник или како што вели народот – лопатар.Благодарение на блискоста со поранешниот координатор и пратеник Оливер Алексовски, во 2006 година, со средно образование е поставен за раководител на подружницата на ЈП Македонија пат. Дури на 42 годишна возраст некако успева да заврши факултет.

Со именувањето на Тодоровски за координатор, кој ден денес важи за близок до поранешниот пратеник Оливер Алексовски, локалните познавачи коментираат дека градоначалникот Арсенчо Алексовски полека но сигурно го губи влијанието во Општинскиот Комитет.

После ова именување, доведена е под знак прашалник и повторната кандидатура на Алексовски за локалните избори.

Тодоровски пред себе ќе има тешка задача да покаже умешност да ги обедини раскараните страни и поделеноста во ОК благодарение на раководењето од досегашниот координатор Борче Стојчевски кој откако во текот на неговиот мандат си ја вработи сопругата, многу блиски роднини, си обезбеди приходи од повеќе места, го остава ОК во катастрофална состојба.

(с.б.)