Посебните жени на Свети Николе пред светиниколчани

Рахела Симеонова Манева (лево) со соработничка во Организацијата на жени

Свети Николе, 11.04.2017

  • Утревечер, во 20 часот, во Музејот на град Свети Николе, ќе биде отворена изложба на слики на жени кои оставиле посебен белег низ историскиот развој на градот и општината

Фотографии со кратка биографија на 31 жена од Свети Николе, кои во историскиот развој на градот и општината оставиле посебен белег, ќе бидат изложени во Музејот на градот. Целиот концепт е осмислен од Организацијата на жени во овој град која важи за една од најорганизираните и најдобри вакви организации во државата.

Посебен печат на изложбата ќе и биде даденна неодамна починатата Вера Златева, повеќегодишна претседателка на Организацијата на жени во Свети Николе за нејзината голема борба за женските права.

Pokana za izlozba 12.04.2017„Жените од повеќе области ќе бидат прикажани на фотографии со нивна кратка биографија и информација зошто се нашле во тоа одбрано друштво“, вели Рахела Симеонова Манева, проектна соработничка и одговорна за односи со јавноста при оваа женска организација.

Светиниколската организација на жени реши месецот март како месец на жената да го одбележи на еден сосема посебен начин. Имено, во текот на 31 мартовски ден на фејсбук страницата на организацијата беа објавувани фотографи со профилите на по една жена која, на некој посебен начин, оставила посебни траги во историјата на градот и општината. Објавени се фотографии со кратки биографии жените кои биле први во нешто: прва жена пилот, падобранка, воено лице, доктор на науки, крводарителка, моделарка, писателка, возачка на патничко моторно возило, спортистка, репрезентативка, првата жена тракторист и друго.

„Сите кои сакаат да дојдат на отворањето на изложбата се добредојдени. Тука сме за да ја искажеме својата почит кон многу наши сограѓанки кои придонеле за угледот на Свети Николе. Со оваа работа продолжуваме и идната година во месецот на жената“, вели Рахела Симеонова Манева.