Преминот „Клепало“ прва голема придобивка од договорот со Бугарија

Берово, 18.06.2018

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија ќе ги направи Берово и Малешевијата отворена порта кон Европа. Ова го тврди беровскиот градоначалник Звонко Пеќевски.

„Договорено е прв конкретен чекор кој ќе произлезе од овој договор да биде отворањето на нов граничен премин на македонско-бугарската граница, во конкретниот случај на преминот „Клепало“ на Малешевските планини. Овој премин е наш сон подолго од четири децении, тој е услов број еден за развој на недоволно развиениот малешевски крај но и на источниот регион“, потенцира Пеќевски.

Преубав поглед од Аурора
Преубав поглед од Аурора

Договорот помеѓу двете соседни држави е склучена во месец јуни, 2017 година, а е ратификуван во месесц јануари, годинава. Од Берово до преминот „Клепало“ има 16 километри. До него од македонска страна, пред 25 години, беа изградени асфалтен пат и зграда за царина и полицијата. Денес асвалтниот пат бара обнова, зградите се целосно руинирани. Во тие години бугарската страна не направи ништо за преминот да профункционира. Од бугарскиот град Струмјани  до преминот има 23 километри од кои 16 километри се пробиени и е уредена трасата, додека седум километри од вкупната траса ќе се пробиваат и асфалтираат во наредните 18 месеци. Ова поради фактот дека двете страни се договорија овој граничен премин да биде отворен најдоцна за две години од поптишување на договорот.

„Нас не дели само една планина- Малешевската. Бугарија има обезбедено средства да го изгради патотот од Струмјани до Клепало и на овој проект таму веќе интензивно се работи. Кога ќе се отвори „Клепало“ на 45 километри од Берово ќе можеме да излеземе на автопатот Софија-Кулата кој води спрема Грција и спрема главниот град на Бугарија. Овој проект силно ќе ни ги отвори и можностите за развој на планинскиот туризам кај нас“, вели беровскиот градоначалник.

И познатиот туристички ескперт Славчо Сирачевски, сопственик на туристичката агенција „Аурора“ која на беровското езеро го има атрактивниот и светски наградуван истоимен ресорт и спа центар, тврди дека со отворањето на преминот туризмот во Берово, Малешевијата и источниот регион ќе процвета.

„Ќе се случи многу поголем прилив на туристи од Европа но и од остатокот на светот. Над 300 туристички организации од Банско и од Сандански, ќе ги промовираат и нашие дестинации, посебно во нашиот регион, зашто тоа ќе биде и од нивен интерес. Ние во Малешевијата посебно очекуваме зголемен прилив на туристи од Бугарија, кои во последниве години се едни од најверните гости во тукашните туристички капацитети“, вели Сирачевски.

Нашиот соговорник вели дека поголемиот дел туристи од Македонија и од Европа кои љубат одмор во Банско и Санднски во Бугарија, по најкраток пат во до овие дестинации ќе патуваат преку „Клепало“ при што подобро ќе ја запознаат и Малешевијата и нејзините потенцијали за одмор и рекреација. На почетокот тие можеби овде само ќе преноќат, но подоцна, откако ќе се уверат во рајските убавини на ова подрачје, ќе остануваат и подолго.

„Треба да се знае дека во Банско и Сандански, кои се наши соседи доаѓаат многу туристи од Англија , од Русија и од други развиени европски држави. Ние ќе се обединиме, ќе најдеме начин да им понудиме одлични пакети, па ако еден турист од Русија или од Англија поминал толкав пат до Банско и Сандански зашто не би „скокнал“ и до Малешевијата? Ние мислиме дека тоа ќе се случи, ние за нив ќе подготвиме посебни пакети, па заедно со оваа убавина сигурен сум дека ќе  посакаат и секоја наредна година да дојдат кај нас“, вели Сирачевски.

Беровските туристички работници се стремат Малешевијата да ја направат  првокласна туристичка дестинација, па во таа смисла ќе се градат и нови туристички капацитети. „Аурора“, во рамките на својот комплекс на Беровско езеро веќе гради нов хотел од највисока класа со 20 соби  и конгресна сала. На такво нешто се подготвуваат и други, но се чека на отворањето на „Клепало“.

Развојот на туризмот на нови основи ќе придонесе за благосостојба во еден од најсиромашните краеви во државата зашто Малешевијата нема индустрија од која би можело да се живее.