ПРИОРИТЕТ НИ Е ИЗГРАДБА НА ФИЛТЕР СТАНИЦА НА ХИДРОАКУМУЛАЦИЈАТА ЛОШАНА

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОВСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ДЕЛЧЕВО

Делчево, 19.02.2018

Нашиот портал istokpress.mk ќе направи интервјуа со сите градоначалници од источниот регион. Овој проект го започнуваме со интервјуто со Горан Трајковски, граадоначалник на Делчево.

DELCEVO GRADONACALNIKИ.П: Г-дин Трајковски, изминаа нешто над 100 дена одкако седнавте во најважната градска фотеља. Што остваривте од ветеното, а во што не успеате, а го ветивте за овој периoд?

ТРАЈКОВСКИ: Првите 100 дена се доволни да се согледа кондицијата на општината, во секоја смисла на капацитетите со кои располага. Периодот од една страна е краток, но доволен за да се постават темелите за мандатот во кој ветив, пред сѐ, инфраструктурни проекти, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, но и отворена и услужна општина. Тоа значи, отворена и ефикасна администрација,која ќе биде сервис на граѓаните. Само во овој период сум примил околу 650 граѓани кои имаа потреба своите проблеми да ги изложат пред мене како институција градоначалник. Најчесто станува збор за инфраструктурни проблеми чие решавање е во надлежност на општината. За дел од нив е веднаш реагирано, а дел се ставени како приоритети за решавање во наредниот период. Сакам да ги охрабрам моите сограѓани, во општинската администрација и во мене да гледаат партнер, да градиме заедничка доверба и да имаме плодна соработка, бидејќи нашата цел е заедничка- Делчево да го изградиме во пубаво место за живеење.

Со мојот тим имавме квалитетен период, ги дореализиравме почнатите проекти, отпочнавме нови. Исплативме околу 1,8 милиони денари наследени обврски, само кон физички лица. Ја исправивме неправдата кон нашите пожарникари, на кои пред 8 години им беа незаконски укинати празничните дежурства, исплативме 6 заостанати советнички паушали на советниците од претходниот состав на општинскиот Совет на кој Општина Делчево им должеше вкупно 15 советнички паушали. Исплативме и заостанати 68 ученички и студентски стипендии и задоцнетите средства на 49 новороденчиња родени во 2017 година. Сакам да истакнам дека обврските кои ги има Општина Делчево, мора да ги исплаќаме редовно, само така ќе се подобри угледот на Општината.

И.П: На што наидовте во почетокот од мандатот. Во однос на касата на општината, на вработените и нивните стручни капацитети, на проекти останати од претходникот, на започнати, а незавршени работи…И, второ, колку изнесува буџетот на Општина Делчево и на што, главно, ќе се насочат парите од општинска каса.

ТРАЈКОВСКИ: Па, јас бев свесен каква е финансиската состојба на Општина Делчево. Една од најзадолжените општини во државава со долг кој се провлекува повеќе од 15 години и кој изнесува околу 240 милиони денари. Јас и во кампањата реков, се нафаќам на овој предизвик, бидејќи имам идеја, стратегија како да се реши овој проблем. Ова го зборувам и од аспект на поддршката од Владата за анулирање на долгот кој ја кочи општината во развојот. И ќе направам сѐ, за да си опстојам на зборот. Приоритет на новата локална власт во Општина Делчево е решавање на инфраструктурните проблеми и создавање услови за реализација на проекти кои треба да донесат подобар квалитет на животот на граѓаните во општината. За реализација на оваа цел во буџетот за тековната 2018 година за капитални инвестиции во Делчево се планирани 47.792.000 денари од основниот буџет кој е планиран во висина од 103 милиони денари, додека во вкупниот буџет кој е проектиран во висина од 275 милиони денари, износот на планирани капитални инвестици изнесува 73.123.000 денари. Во општинскиот буџет за оваа година се планирани 50% повеќе средства во споредба со лани за изработка на проекти, а значајно е што ќе се изработува и проектот за нов градски пазари проект за градска капела.

И.П:  Какво Делчево имате во вашата визија? Што му недостига на градот и на општината, на што ја насочувате вашата енергија, какви се можностите за реализација на вашите проекти, колку е квалитетен тимот околу вас, колкава помош очекувате од Владата?

ТРАЈКОВСКИ: -Делчево во мојата визија е град, каде живеат задоволни граѓани и каде ги гледаме младите како создаваат семејства и ги растат своите деца, овде дома со нивните родители. Мојата енергија ја насочувам кон созавање услови за подобар живот на моите сограѓани, кон реализација на проекти кои тоа и ќе го донесат. Квалитетот на тимот може да се надополнува, надградува, за среќа имам избор на квалитетни кадри и ќе барам од нив максимално вложување во работата. Во Владата на РМ гледам партнер и ќе ги искористам проектите и заложбите на министерствата за остварување на целите. Овде ќе најавам и дека во Програмата на ЈП Државни патишта е влезена и реконструкцијата на патот А3 во должина од 5 км, односно делница на бул „Македонија“ во Делчево до селото Ѕвегор. Исто така, ќе се реконструираат и 15 км од патниот правец  Делчево – Пехчево.

И.П:  Кои проекти ги цените за капитални:? На кои од нив им давате приоритет?

ТРАЈКОВ:  Приоритет за мене на што работиме интензивно со стручните служби е изградбата на филтер станицата на хидроакумулацијата Лошана.Проектот е со вкупна вредност од 7,5 милиони швајцарски франци. Донацијата од Швајцарската Конфедерација е 6 милиони швајцарски франци, во самиот проект ќе инвестира и македонската Влада преку Министерството за животна средина со 1, 4 милиони швајцарски франци, додека Општина Делчево ќе учествува со 30 илјади швајцарски франци. Со иградбата на овој капитален проект ќе се обезбеди чиста вода за пиење, ќе се реши и недостигот на вода, а Општина Делчево е подготвена со стручните тимови да работат заедно со консултаните со цел да се реши горливото прашање со квалитетот на водата за пиење.Со имплементацијата на проектот планрано е да се започне од јуни оваа година.

Исто така, обезбедени се средства и подготвена е целосна документација со сите согласности од надлежните институции за изградба на првиот пешачки мост на реката Брегалница во Делчево. Во тек е распишување на тендерот за избор на најповолен изведувач на работите по што се очекува градежните работи за изградба на пешачкиот мост да започнат оваа пролет. Средствата во висина од 6 милиони денари се обезбедени од ИПР, додека 1 милион денари ќе финансира Општина Делчево.

Пешачкиот мост е желба на граѓаните и приоритетен проект одбран на форумите на заедницата. Овој мост ќе го поврзува стариот со новиот дел на градот.Покрај тоа што ќе биде и украс на градот, мостот ќе биде и доста функционален со што граѓаните ќе имаат подобар и пократок пристап до детската градинка, автобуската, библиотеката, училиштата, зградата на Општината, но и градскиот пазар, а ќе се растовари сегашниот мост кој е и единствен во центарот на градот и ќе се зголеми безбедноста на пешаците.

Овде ќе го споменам и тоа дека во месецот јануари 2018 е завршен тендерот за изработка на проект за изградба на градска капела на градските гробишта во Делчево. Проектот треба да биде готов во рок од два месеци, по што се очекува оваа пролет да  започнат градежните работи за изградба на градската капела, која беше еден од приоритетите на граѓаните одбрани на форумите на заедницата. Вкупната вредност на проектот е 5, 5 милиони денари. Дел од средствата се обезбедени преку грант од Светска банка, а дел Општина Делчево.

Има уште многу други проекти, како што е одвојување на фекалната од атмосферската канализација во неколку населби во Делчево, но и реконструкција на централната улица во Делчево, „Маршал Тито“, која треба да започне деновиве.Го завршивме асфалтирањето на ул. „Светозар Марковиќ“, која води од автобуската станица, градинката до зградата на Општина Делчево, а е асфалтирана и ул. „Питу Гули“. На овие две улици ќе се градат и тротоари.

 

И.П:  Каде, во економска смисла го гледате развојот на општината со која раководите? Во тесктилот, во туризмот, во градежништво, графичка индустрија…

ТРАЈКОВСКИ:  Економскиот развој го даваат економските капацитети. Доколку имаме силни фирми, ќе имаме и задоволни граѓани со повисоки плати. Во Делчево текстилството е водечка гранка, но и земјоделството, посебно овоштарството. Но, не треба да го заборавиме и туризмот, бидејќи пред десетина години, ако соседните општини сонуваа за развој на туризмот, Делчево, посебно Голак, беше познат зимско-рекреативен центар, каде доаѓаа деца од целиот Балкан, а работеа со полна пареа и хотелот „Гранит“ и вилите на неколку фирми. За жал, со пропаѓањето на детското одморалиште замре туризмот на Голак, иако љубителите на природата се чести гости на овој наш адут за развој на туризмот и ова мора да го искористиме како општина. Нашата стратегија за развој на туризмот ќе биде насочена кон враќање на сјајот на Голак. Овде веќе има приватни иницијативи за изграба на викенд-куќи, но решавањето на проблемот со инфраструктурата, пред сѐ, мислам обезбедување водовоен систем, мора да го решаваме искористувајќи ги донаторските средства кои стојат на располагање на општините.

И.П:  Го имате тој благослов да сте погранична општина, граничите со држава членка на ЕУ, ви дава ли таа состојба привилегија преку заеднички проекти да користете од ЕУ фондовите за благодет на Делчево и жителите во вашата општина? Ако е така кои проекти ви се достапни.

– Да, граничните општини се во можност да ја користат програмата за прекугранична соработка која е финансирана од Европската Унија. Делчево е општина која е на само 10 километри од границата со Р.Бугарија која е земја членка на ЕУ и на само 32 километри од градот Благоевград кој е најголем центар во двете погранични области Благоевградска и Ќустендилска. Традиционален партнер на општина Делчево во ЕУ проектите е општината Благоевград. Соработката започнува уште во далечната 2006 година со потпишување на меморандум за соработка и аплицирање на проект од областа на образованието од програмата ФАРЕ-КАРДС на ЕУ. По овој проект следува воспоставување на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Р.Македонија и Р.Бугарија, каде и двете општини активно се вклучени директно со вклученост на градоначалниците и општински тимови. Резултатите од оваа соработка веќе е видлива и на терен. Добиени се и имплементирани повеќе проекти од областа на животната средина преку кои е подобрена инфраструктурата, изработени се стратешки документи за заштита од поплави, направени се истражувања и студии за природните ресурси на планината Голак и Влаина, во делот на јавното осветлување подобрена е  енергетската ефикасност. Покрај сите овие наведени резултати воспоставено е цврсто партнерство помеѓу двете општини кои разменуваат искуства во сите сектори. Партнерството ќе продолжи со нови апликации на веќе отворениот втор повик од вториот програмски период на програмата ИНТЕРЕГ ИПА- прекугранична соработка Р.Македонија-Р.Бугарија.

И.П: .Имате ли села без струја и пат до нив (асфалтен), без вода, ако имате како решавањето на тие основни потреби во 21 век го замислувате, имате ли идеи, пари, поддршка..

ТРЈАКОВСКИ: Немаме села без струја, но имаме проблеми со водоснабувањето на поедини села. Овде станува збор за стари селски водоводи, градени пред 40-ина години кои се во руинирана состојба, па жителите се соочуваат со недостиг од вода, но и со ризик по здравјето. За жал, овие водоводи не се под належност на ЈПКД „Брегалница“. Ова е горлив проблем, пред сѐ на селото Ѕвегор и е еден од моите приоритети за решавање. Во моментов се врши санација на водоводот во селото Габрово, каде ќе се постават 800 метри полиетиленски цевки со што очекувам да се реши проблемот со водоснабувањето во ова село..

И.П.  Како градоначалник не можете да се жалите на можна опструкција од Советот, од иста партија сте, колку Советот е вклучен во севкупните процеси кои треба да ја променат сликата за Делчево на подобро?

ТРАЈКОВСКИ: Советот е десна рака на еден градоначалник. Досега се одржани 4 седници донесени се значајни одлуки кои ги отвораат процесите за развој на општината. Целта ни е заедничка-подобар квалитет на животот на граѓаните.

И.П.  Младите од истокот и од оваа општина се иселуваат во Штип, Скопје, а најмногу во странство? Како да се направи амбиент младите да останат дома?

ТРАЈКОВСКИ:  Младите ќе останат овде, само ако имаат добра работа што значат солидни приходи и можност за градење кариера. Решавањето на ова прашање го  гледам единствено во отворање индустриски капацитети и, секако, поголеми плати. Периодот пред нас,за жал, го испразни Делчево, ги однесе младите по светот каде имаат подобри примања. Јас , како градоначалник, целата моја енергија ќе ја насочам кон создавање можности, овде да се отворат нови капацитети, да се задржат младите образовани кадри. Во оваа смисла, со стипендии ги поддржуваме талентираните ученици и студенти, а во соработка со бизнис-секторот од текстилството размислуваме да доделуваме и стипнедии за ученици кои учат во текстилната насока во делчевската гимназија. Со ова ќе задржиме наши ученици овде да го продолжат школувањето, да школуваме квалитетни кадри кои по завршувањето веднаш ќе најдат работа. Овде би ги споменал и актуелните мерки за вработување на младите кои ги нуди Владата. Мора да наметнеме малку поинакво размислување и перспективите и иднината да се гради дома, во родниот град.

И.П.  Град од формат на Делчево мора да има и култура, колку средства од буџетот се предвидени за култура и на кои културни вредности и се дава приоритет.

ТРАЈКОВСКИ: Културата дава посебен квалитет на животот на граѓаните. Како општина, партнери сме на многу проекти што ги реализираат и граѓанските организации и Центарот за култура „Н.Ј.Вапцаров“. Овде би ја споменал атрактивната „Пијанечко-малешевска свадба“ на која мора со КУД „Гоце Делчев“ да донесеме нов квалитет на манифестацијата која ги чува од заборав свадбарските обичаи од регионот. Но, имаме и наши проекти, „Пијанечките денови на сливата“ со кои го славиме нашиот бренд-пијанечката слива, тука е и меѓународниот Фестивал за хумор и сатира. Сепак, прва и основна задача ми е повторно да го ставам во функција Локалниот музеј „Пијанец“ кој несреќно беше затворен пред 8 години. Оваа институција ќе го чува и промовира, но и истражува природното и културното наследство, како и етнолошкото богатство од Пијанец. Не смееме да дозволиме општината, каде се наоѓа палеонтолошка гробница на пикерминска фауна,која е една од најзначајните во Македонија и Европа, односно, каде се ископани значајни фосилни остатоци на череп од жирафа, мастодонти, антилопа, хипарион, и слично, да не претставува туристичка атракција за нашите посетители.

И.П. Во делот на спортот, како да замреа градот и селата, бившата власт отвораше игралишта,а спортот се повеќе тонеше…Како Делчево мисли да си го врати спортот како викенд потреба на младите но и на населението?

ТРАЈКОВСКИ: Спортските клубови мора да се поддржуваат. Имаме неколку значајни спортски клубови каде тренираат наши ученици и мора да овозможиме услови да се развива нивниот талент, но и спортот да претставува и начин на живот на младите генерации. Во согласност со финансиските можности на Општината, годинава издвоивме 900.000 денари за поддршка на спортските клубови. Новина е што овие средства ќе се доделуваат по јавен повик и согласно со нов Правилник и критериуми кои се подготвуваат. Нема да фаворизираме како досега само одредени клубови. Сакаме на сите клубови да им дадеме исти третман и исти услови за натпревар.

И.П. Патот Истибања- Каменица секоја зима е опасност за возачи и луѓе, барате ли од Владата, заедно со општина М.Каменица, таа делница да се реши еднаш и за многу години?

ТРАЈКОВСКИ  Во моментов на оваа делница, мислам на М. Каменица-Кочани се изведуваат градежни работи, односно се решава проблемот со одроните и се рехабилитира коловозот. Санацијата на одроните е во рамките на реконструкцијата на патниот правец Кочани- Делчево во должина од 33 километри, која подразбира проширување и санација на мостовите и рехабилитација на патот.Реконструкцијата на патниот правец Каменица – Делчево, веќе е во завршна фаза. Според информацијата со која располагам, градежните работи треба да завршат до крајот на летото. Изведувач на работите е Гранит, а инвеститор е ЈП за државни патишта. Ова е дел од активностите на оваа делница, но овде сакам да потенцирам дека на почетокот од идниот месец стартува реконструкцијата на регионалниот пат за Виница преку селото Бигла, кој е, всушност и алтернативен пат за Кочани и фреквентен во ситуации, кога меѓународниот пат за Кочани е блокиран со одрони. Овде ќе се проширува коловозот од сегашните три на пет метри и ќе се реконструира патот во должина од 14 км. Претходно се реконструирани 4 км. Оваа инвестиција е на барање на двете општини Делчево и Виница и на жителите кои гравитираат во овој дел. Вкупната инвестиција е 52 мил денари и е на ЈП за државни патишта.Сепак, јас не се откажувам од идејата за изградба на стариот пат за Виница, пат кој води преку Бигла и кој ја избегнува М. Каменица и сите кривини и одрони кои ги има овде како резултат на самата структура на теренот. Овој пат ќе биде доста значаен за нас како општина.

  АКЦЕНТИ

  • Работиме на изработка на проект за изградба на капела на Градските гробишта.

  • Ќе го рехабилитираме турситичкиот центар Голак, ќе му го вратиме некогашниот сјај.

  • Општината Благоевград е традиционален партнер на Делчево во ЕУ проектите, продолжуваме понатаму.

  • И Делчево се испразни во минатите години, задржувањето на младите е еден од основните приоритети.

  • Во културата прва и основна задача ми е повторно да го ставам во функција Локалниот музеј „Пијанец“ кој несреќно беше затворен пред 8 години.

  • Наш приоритет е патот преку Биглата и Виница.