Тамара, девојчето кое го остварува својот сон

Штип, 27.12.2016

  • Тамара Христовска е одлична ученичка во штипскатаа гимназија и членка на младата одбојкарска репрезентација на Македонија

tamara-hriТамара Христовска, има само 16 години, посветено учи во трета година гимназија, се бави со спорт каде искажува голем потенцијал за поголеми дострели. Тамара  е член на женскиот одбојкарски клуб „Студент“ кој е под патронство на Универзитетот „Гоце Делчев“. Добар дел од публиката која ги следи натпреварите кои „Студент“ ги игра во Првата одбојкарска лига на Македонија, секој викенд  доаѓаат во спортската сала „Јордан Мијалков“ да ја гледаат Тамара, а и притоа за неа говорат како таа е еден небрусен дијамнат кој силно може да засјае на спортското небо над Македонија.

Тамара, во време кога девојчињата мечтаат за манекенство или глума вие го одбравте спортот . Од каде таа љубов , тој избор…

-Потекнувам од спортско семејство. Мојот дедо Александар играл фудбал, мојот чичко Драган Христовски беше еден од најпознатите македонски фудбалери, а сега е фудбалски тренер. Во поширокото семејство често се водеа разговори за спортот и за неговото значење за младите. Мислам дека тоа беше еден важен момент во мојот живот уште во пето одделение да го засакам спортот. Покрај ова силен мотив најдов и кај моите родители Вилма и Горан кои ме поддржуваа, а и денес силно ме подржуваат во моите намери да се бавам со спорт. Тие ги следат сите натпревари на кои јас настапувам, не само во Штип туку и надвор од нашиот град. А таа љубов нема цена.

За да се засака нешто потребен е и добар педагог, во случајов тренер. Како ти одеше со тренерите, колку тие се значајни во градењето на добар спортист, а преку тоа и севкупно добра личност.

Тоа е точно. Тренерот го доживувам како втор родител. Имав среќа во ОУ „Димитар Влахов“ во населбата „Сењак“ наставник по физичко да ми биде Трајче Тасевски. Тој ме внесе во одбојката, во школскиот тим зашто одтаму започнуваат сите убави приказни. Знаеше да не мотивира, да ни помогне да навлеземе во тајните на одбојката, ни говореше за убавините на спортот и неговото значење за секоја млада личност. И кога пораснав, тргнав во гимназија, и кога започнав да играм за „Студент“ каде тој ни беше тренер, го имаше истиот татковски и педагошки однос. И сегашниот тренер Благој Тасевски ги има тие квалитети. Таа состојба само ја засили мојата желба да бидам во спортот се додека можам.

tamara-2Играте за „Студент“,  а всушност како да играте за три екипи?

Тоа изгледа така. Играм во младинската, во кадфетската и во сениорската екипа. Настапувам на првенствата во трите категории. Во сабота играм во сенироска, во ендела настапувам за младинската екипа. Дали ми е напорно тоа? Не е лесно ниту едноставно, но кога во љубовта кон нешто ја наоѓате вашата сила и вашиот мотив се станува можно. Практично, настапувајќи во трите конкуренции, јас тренирам секој ден а за викендите настапувам на официјални натпревари. Засега имам време за се.

Факт е дека спортот ви одзема добар дел од времето, но дали тоа се одразува на успехот во училиштето? Учите трета година во гимназијата „Славчо Стојменски“ каде се бара знаење. Всушност, како ги подмирувате сите ваши обврски кои сте си ги задале во вашата рана младост?

Кога избрав да го продолжам школувањето во нашата гимназија знаев дека е тоа средина во која има ред и одличен наставен кадар. Мене тоа ми беше важно. По матурирањето сакам да се запишам на Економски факултет. Денес можам да кажам дека тоа што активно се бавам и со спорт на никој начин негативно не влијае на моето учење. Баш напротив. Кога ќе си дојдам дома од тренинг поради уморот не ми е до излегување па седнувам и учам. Засега добро ми оди и едното и другото, се разбира дека училиштето ми е во прв план. Иако губам нешто од младешкиот живот, сепак и јас знам како млада личпност и јас сакам за една вечер во викенд со моето друштво да отидам во кафуле или на некое друго место на кое одат младите.

tamara-1Факт е дека Универзитетот „Гоце Делчев“ под своја закрила зеде повеќе спортски екипи кои успешно го претатвуваат градот, па оттука какви се условите во ОК „Студент“ и какви резултати остварувате?

Јас би рекла-перфектни. Имаме најдобра комплетна опрема за тренинт и настапи, на натпревари патуваме во убави комбиња, добиваме освежување, со еден збор имаме најдобри услови од сите екипи во Македонија. Од осум екипи во Првата лига ние сме на пето место, но треба да се знае дека во екипата имаме само една искусна одбојкарка, сите други сме на возраст од 16-18 години. Ние всушност сега се калеме, преку натпревари, ако екипата остане компактна за две-три години можеме да бидеме прваци.

Репрезентација?

Играм за младата одбојкарска репрезентација на Македонија. Тоа е едно убаво искуство, еден доказ дека и како млад човек и како спортист се развивам на вистински начин. Да се игра за својата држава е остварување на мојот сон.

Ваш совет до младите?

Многу сум млада за да си дадам за право некому да делам совети. Само ќе порачам дека секој кој може треба да се бави со спорт. Не мора да е тоа врвен спорт, одлично е на спортот да му се пријде макар и само рекреативно. Конечно,  одамна е речено дека во здравото тело е и здравиот дух, а јас, на базза на моето седумгодишно искуство тврдам дека тоа е точно.