ШТИП: ВМРО ДПМНЕ пак со критики за изборите во услов на корона, СДСМ им порача дека само прават штета и долго ќе си останат во опозиција

Штип, 24.11.2020

Во изминативе 5 денови, во Штип се заразиле дури 192 лица. Секој ден, од овие 5 изминати, починало по едно лице од Ковид 19. Штип пак, е и на врвот на статистичкиот сооднос меѓу број на жители и новозаразени.

Овие податоци говорат дека стапка на леталитет во Штип е повеќе од морбидна и властите лесно можат да утврдат дека одлуката за предвремени локални избори во Штип е НЕПРАВИЛНА!

Но, додека светот штеди за успешно да се справи со опасниот Корона вирус, сиромашната Влада во нашата земја, планира огромни расходи за не толку важните локални избори во Штип. Наместо парите од избори да ги пренеменеа за набавка на медицински помагала и намалување на новозаразените, СДС во трката за брзо богатење, по втор пат годинава ќе ги става граѓаните во опасна положба. Во Штип ситуацијата е драматична до степен да има повеќе заразени, отколку оздравени и очигледно е дека неразумната власт, преку овие непотребни избори ги изложува штипјани на смртоносниот вирус, рекоа од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Набргу стигна и одговорот од СДСМ.

-Изборите во Штип на 13 декември ќе бидат сигурни и безбедни исто како и парламентарните. Со почитување на мерките и здравствените протоколи, граѓаните ќе можат безбедно да го остварат своето право на глас. И од ДПМНЕ се свесни дека избори во Штип мора да има. Проектите кои ги ветивме на штипјани, ќе продолжиме во идните 10 месеци да ги реализираме.

ВМРО-ДПМНЕ прави мрачни перформанси на кои се подбива со несреќата на граѓаните и ги навредува здравствените работници. Осум месеци, граѓаните , здравствените работници, институциите ,целиот свет, постојано се борат против коронавирусот. Осум месеци, ДПМНЕ само прави штета и го поткопува здравствениот систем. Со таков однос кон граѓаните и јавното здравје, нека не се чудат зошто се во опозиција, уште долго ќе останат таму, изјавија од владеачката партија.