ШТИП: Градскиот хор им ја расвесели вечерта на децата во „Искра“ и на пациентите во Физикална терапија

Штип,  16.10.2019

Штипскиот градски хор започна хумана мисија. Синоќа, хорот прво настапи пред учениците од специјалното средно училиште „Искра“, а 90 минути подоцна и пред пациентите во Физикална терапија која е дел од Медицинскиот центар.

На учениците во „Искра“ им се придружија и децата од Здружението на деца со посебни потреби „Порака“.

Хорот направи преубав гест кога ги повика децата заедно со него да испеат една песна во која има и здравица, по што сите си наздравија за убави и среќни денови и за добро здравје. Хористите им подарија на ученици по еден инструмент – тропалка.

Во Физикална терапија, во полната сала на ресторанот, Градскиот хор под диригентство на м-р Ивана Ѓурѓевиќ Јанков испеа десеттина хорски песни од својот богат репертоар при што доби аплаузи на отворена сцена. Пациентите рекоа дека ова за нив била неверојатна вечер и посакаа хорот пак да им дојде, а тоа да го направат и други музички групи од градот.

-Имаме покани од повеќе места и градови, мислам дека наскоро ќе настапиме во Македонска Каменица од каде имаме отворен повик на тамошниот Дом на култура и Горан Огнановски, човекот за се во оваа културна установа во Градот на рударите, рече диригентката Ивана.