ШТИП: Замајување на јавноста во време на пандемија

31.03.2020

И Штип се бори против коронавирусот како што тоа го прават и многу други наши и светски градови. Но, и во време на опасниот вирус и пандеемијата, не недостасува жестока политичка битка на зборови.

Така, денес ВМРО ДПМНЕ ја обвини локалната власт која е во рацете на СДСМ дека општината наместо да набавувала маски и ракавици се дрзнала да набавува – цвеќе.

Додека секаде во светот се набавуваат маски, ракавици, средства за дезинфекција, Општина Штип набавува ни помалку, ни повеќе, туку цвеќиња. Да, добро слушнавте. Во периодот на здравствена и економска криза, нашата општина се дрзнала да набавува цвеќиња за декорација и тоа во износ од 118.000 денари.

За случајот да биде уште поинтересен, добитник на набавката е компанија, блиска до СДСМ. Но, она што остава впечаток е и растењето на цената за истата набавка низ годините. Општината во 2018 година од истата компанија набавила цвеќиња за 24.000 денари, а во 2020 година, кога светот ја води најжестоката битка, локалната самоуправа дава високи 118.000 денари за цвеќе. Прашањата кои треба да се одговорат пред јавноста се – што се промени низ годините, за да се зголеми потребата на општината за цвеќиња?

Дали со оваа набавка се отплатува послушноста на локалната компанија, блиска до СДСМ? Дали во време на рецесија, најитна беше потребата од набавка на декоративно цвеќе?

Наместо кратење и редуцирање на непотребните трошоци, ова е одговорот и односот што го добија граѓаните на Штип од локалните власти во време на криза, рекоа од опозициската партија.

Веднаш по настапот на ВМРО ДПМНЕ се јавија од Општина Штип.

-Јавната набавка за којашто зборува опозицијата е редовна постапка и целосно транспарентна, распишана со цел добивање на најповолна понуда од економски оператор.

Општина Штип ја поништи првата постапка на која цената изнесувала 150.000 денари, а на повторениот повик Општината доби пониска цена за 50.400 денари. И на првата и на втората постапка учествувал само еден економски оператор. Од ова се гледа дека Општината успеала да ги заштеди парите на граѓаните.

Цената на одредени производи ја диктира пазарот и Општината не може да влијае на ниеден начин, туку единствено да ја избере најповолната понуда како што налага законот. Оваа пародија од опозиција апелираме во вакви тешки моменти за државата, доколку не помага во борбата со корона вирусот барем да не одмага.

Во моменти кога сите сме насочени кон заштита на граѓаните од оваа пандемија, тие одбрале да ја замајуваат јавноста со целосно транспарентни, јасни и законски постапки, рекоа од Општина Штип.

(и.б.)