ШТИП: Маријана Рогожарска Поповска е нов претседател на Советот на Општина Штип

Штип, 24.08.2020

Маријана Рогожарска Поповска (32) дипломирана правничка и досегашен координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата денеска е избрана за нов претседател на Советот на Општина Штип. Изборот дојде по неотповикливата оставка на оваа функција на Јане Миланов, а во процесот на расправцата и на гласањето не учествуваа советниците од опозициската ВМРО ДПМНЕ и коалицијата кои ја „напуштија“ седницата која одеше онлајн. Миланов останува советник.

На денешната седница градоначалникот на Штип Благој Бочварски кој од страна на премиерот Зоран Заев е предложен за министер за транспорт и врски, со бирани зборови им се заблагодари на сите советници и од позицијата и од опозицијата за, како што рече „мошне квалитетната соработка и работа на овој советнички состав“ што резултирал со поголем број остварени проекти кои значително го подобрувале животот во локалната заедница.

Денес беа верифицирани мандатите на двајцата нови советници – Ѓеорги Димов од листата на СДСМ и коалицијата и на Гулбаки Мемед од листата на ВМРО ДПМНЕ. Бидејќи Демократската партија на турците во Македонија на која и припаѓа Мемед во меѓувреме стапи во коалиција со СДСМ, силите во Советот се променети со тоа што наместо 12 СДСМ сега има 13 советници, а ВМРО ДПМНЕ наместо 11 има десет советници. Новите советници доаѓаат на местата на Сашко Николов од СДСМ и на Иван Јорданов од ВМРО ДПМНЕ кои станаа пратеници.

Дојде и до промена во однос на координаторите на советничките групи. Нов координатор на советничката група на СДСМ е  Иван Бојаџиски, а на ВМРО ДПМНЕ Љубе Здравков, Бојаџиски доаѓа на местото на Рогожарска Поповска, а Здравков на местото на Иван Јорданов.