ШТИП: Мултимедијалниот центар ќе го носи името Киро Глигоров

Бочварски со Донка Глигорова, ќерката на Киро Глигоров
Донка Глигорова, со орденот „Свети Никола“ кој градоначалникот на Штип Благој Бочварски постхумно му го додели на Киро Глигоров

Штипскиот мулдимедијален центар ќе го носи името на првиот претседател на независна Република Македонија – Киро Глигоров. Ова е одлучено на денешната седница на Комисијата за култура при Советот на општина Штип. Останува само Советот на општината на седница која ќе се одржи кон крајот на месецов, да ја прифати одлуката на Комисијата за култура.

Киро Глигоров историјата го памети како врвен економист, политичар и државник. Роден е на 3 мај 1917 година во Штип, починал на 1 јануари 2012 година во Скопје.

Собранието на Република Македонија, на 27 јануари 1991 година, го избра Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. На 7 март истата година Глигоров му го дава мандатот на Никола Кљусев, познат економист, професор и политичар, исто така роден во Штип, за состав на првата македонска влада.

Киро Глигоров е архитектот на мирното раздружување на Република Македонија од Југословенската федерација.

На 19 декември годинава, на Денот на градот, на Киро Глигоров постхумно му беше доделен орденот „Свети Никола“ кој од рацете на штипскиот градоначалник Благој Бочварски го прими неговата ќерка Донка Глигорова.

Целосното име на оваа институција ќе гласи – Општински мулдимедијален центар „Киро Глигоров“ – Штип. Во рамките на Центарот ќе биде и спомен собата на Глигоров во која ќе се најдат исклучителни предмети од животот и исполнетата кариера на првиот македонски претседател.