ШТИП: Седница на Советот во понеделник, двајца советници си одат, двајца нови доаѓаат

Советот на Општина Штип

Штип, 21.08.2020

Советот на Општина Штип во понеделни (24 август, 2020 година)  во 10,30 часот ќе ја одржи својата 36 седница на која, меѓу останатото, ќе биде донесено решение за престанок на советничкиот мандат на двајца советници, а ќе бидат верификувани мандатите на исто така двајца нови советници.

Од Советот ќе бидат разрешени д-р Сашко Николов од СДСМ и Иван Јорданов од ВМРО ДПМНЕ кои на последните предвремени парламентарни избори станаа пратеници. На местото на д-р Николов за советник доаѓа Ѓорѓи Димов, а на местото на Јорданов Мехмед Ѓулбаки.

Интересен е фактот дека Ѓулбаки доаѓа за советник на местото на Јорданов од ВМРО ДПМНЕ, но во меѓувреме неговата партија влезе во коалиција со СДСМ така што сега силите во локалниот штипски парламент наместо 12:11 за СДСМ ќе бидат 13:10 за партијата која е на власт и во државата и во Општина Штип.

На седницата која ќе се одвива по електронски пат ќе се води расправа по вкупно 18 точки од дневниот ред, а се очекува најбурна да биде расправата по однос на предлог одлуките за годишниот план за вработување за 2021 година на Општина Штип, на Домот на млади, на ЈП Исар и на ЈП Стипион.