ШТИП: Стефанов го објави вториот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“

Штип, 28.07.2020

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, со поддршка од Министерството за култура, го објави вториот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Автор на ова енциклопедиско издание е стрип-хроничарот и сценарист Александар Стеванов од Штип, кој воедно се потпишува и како негов графички уредник.

Продолжувајќи ја иницијативата за прибележување на домашното стрип-творештво и издаваштво, во книгата Стеванов го обработува периодот 2000 – 2007. А, наспроти мнението за домашната деветта уметност како непостоечка, во неа по хронолошки редослед се опфатени над 200 одредници поврзани со македонскиот стрип: публикации, изложби, работилници, фестивали…

За да се избегне сувопарност на материјалот, во публикацијата се пренесени стотина цитати и мноштво илустрации. А, за олеснување на работата на некои идни истражувачи, на нејзините последни страници уредно се поместени ендноти кои реферираат кон други изданија (весници, списанија, книги, каталози) и мрежни места, како и регистар на најчесто користените термини.

Исто како и претходниот том, кој го опфаќаше периодот 1990 – 1999, и овој е со формат А4 и има 60 страници печатени во боја. Илустрацијата од насловната страница на изданието е фрагмент од стрип изработен од уметникот Синиша Цветковски. До крајот на годината, во авторство на Стеванов се очекува да излезе уште една публикација посветена на македонскиот стрип.