ШТИП: Центарот за јавно здравје повикува на почитување на мерките

Штип, 25.05.2020

Центарот за јавно здравје – Штип, уште еднаш апелира до граѓаните да се придржуваат кон мерките кои во изминатиов период постојано се пласираат во јавноста во сите медиуми.

„Штип е град на текстилната индустрија, па затоа најмногу сакаме да апелираме до текстилните конфекции и сите други субјекти кои имаат поголем број на вработени и кај кои производствениот процес налага задолжително присуство на повеќе лица во една просторија. Истите, задолжително треба да се грижат за хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, дистанцата на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место да биде од 1,5 до 2 метри, истите задолжително да носат лична заштитна опрема – маски, а по можност и ракавици

Во просторијата во која работат поголем број на лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу истите, носење на лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одмор. Доколку е можно, да се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти.

Иако пандемијата е под контрола, сепак не можеме а да не апелираме дека понатамошниот тек на пандемијата зависи најмногу од однесувањето и дисциплинираноста на секој еден граѓанин. Затоа, Ве замолуваме задолжително да се придржувате кон овие мерки“, се вели во јавната објава на Центарот за јавно здравје-Штип.