ПОТСЕТУВАЊЕ: Тито, Штефетата на младоста и штипскиот младинец Миле Гавритов

Штип, 25.мај 2020

На денешен ден Југославија го славеше роденденот на Јосип Броз Тито и Денот на младоста. Завршната приредба од големиот настан завршуваше на стадионот на ЈНА каде во присуство на 40.000 граѓани се одржуваше слетот на младост со програма во која учествуваа неколку илјади младинци од сите тогашни републики и двете покраини.

Штафетата на  младоста на Ј.Б.Тито му ја предаваа младинци од сите републики и покраини. Еден од нив беше и младиот Миле Гавритов, машински инженер вработен во ТК „Македонка“ Штип. Со бирани зборови Гавритов му го честиташе роденденот на Тито, а маршалот му подари часовиник со негова посвета.

Таа година штафетата на младоста тргна од Македонија, од Ѓевѓелија. Со Гавритов (сега покоен) за овој настан последен пат разговарав пред околу 15 години кога тој сеуште работеше во Југоинспект во Скопје. Правев сторија за Утрински весник.

„Пред настанот имав голема трема, но кога стадионот го исполнија непрекинати аплаузи и извици „Ние сме Титови, Тито е наш“, тремата во миг ја снема. Без проблем ги поминав сите степеници до ложата во која беше Тито, без грешка го кажав текстот и му го честитав роденденот. Потоа, во пригодна сала на стадионот на ЈНА Тито ми подари рачен часовник изгравиран со неговото име и негова посвета. Тоа беше најубавиот ден во мојата младост“, ми раскажуваше Гавритов за нешто што тогаш беше сон на секој млад човек во Југославија.

Инаку, во носењето на штафетата на младоста од Ѓевѓелија до Триглав па потоа до Белград како главен град на Југославија учествуваа 400.000 младинци а патот на штафетата беше долг околу 5.000 километри.

Додека штафетата се носеше од град до град и се предваше од рака на рака, кога ќе паднеше ноќта,каде и да се случеше тоа, се  правеа логори каде цела вечер младите свиреа, пееја, играа, рецитираа револуционерни песни…Идното утро штафетата на младоста го продолжуваше својот пат до крајната одредница-стадионот на ЈНА  во Белград.

Миле Гавритов беше четвртиот младинец кој на Тито му ја предаде штафетата на младоста.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе