До новинарката: Филип Петровски не е господин

Штип, 31.01.2017

 Господин човек не е некој кој носи скапа, брендирана облека, ниту е човек кој се добрал до висока позиција во општестввото, господин човек е оној кој знае да се однесува со луѓето…

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Ги гледам новинарите, моите помлади колеги и колешки како на поларни температури со часови стојат пред огромната, бела зграда на вемерето. Мрзнат, се тресат на студ, а партијата „која мисли на својот народ“ не им ги отвора портите од најскапата зграда во Македонија и на најбогатиот политички субјект во Европа.

Зграда во која има простор да се смести цела една армија на помала држава. Како Македонија, да речам.

Па ги следам лицата од коалицијата, а најмногу од вемерето како еден по еден во скапа, топла облека доаѓаат на состанок. Минуваат покрај премрзнатите новинари, а никој да им обрнe внимание. Никој да  ги запраша дали им е студено. Никој да ги покани да влезат внатре. Во зградата направена, меѓу другото, и со нивни и мои пари. Никој да им понуди топла напивка. Никој да покаже дека е ЧОВЕК пред се и над се, а дури потоа и политичко суштество.

Ги третираат како стока, отпад, нешто како непосакуван товар.

Го следам и Филип Петровски, момчето кое директно од шатор влезе во високата македонска политика и остана таму се до ден денешен. Што значи дека никогаш не искусил како мачно се заработува лебот. Забрзано доаѓа кон белата зграда, му приоѓа новинарка и бара мислење за ситуацијата. Филип во наплив на бес мава по микрофонот кој новинарката го држи в раце.

„Господине Петровски“, така му се обрати новинарката. Фино, културно но и сосема погрешно.

Драга моја помлада колешке мора да ја знаете дефиницијата за ГОСПОДИН.

Господин човек не е некој кој носи скапа, брендирана облека. Не е ниту некој кој се добрал до важна општествена позиција.

Господин човек е оној кој умее да се однесува со луѓетo.

Културно, цивилизирано, човечно…Тоа е најдобрата дефиниција  на изразот ГОСПОДИН која јас ја имам научено во мојот долг живот исполнет со многу новинарска работа, преку илјадници средби со луѓе. Од селани, текстилни работници, рудари, учители, професори, орачи, улични питачи до градоначалници,  директори, политичари, амбасадори и многу други.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе