KOЧАНИ: Кочанско поле во пламен

Кочани, 27.02.2020

Кочанската противпожарна единица вчера имаше рекордни 16 интервенции само за 12 часа. Од 10 до 22 ч.  Единицата во полн состав непрекинато гасеше пожари на сите делови од Кочанско Поле.

– Гореше полето кај селата Прибачево, Мојанци, Грдовци, Чешиново, Оризари. Земјоделците не се откажуваат од нивните навики за спалување на стрништата, а вчерашниот ветар дополнително ја усложни состојбата, па Единицата со сите расположливи човечки и технички ресурси гасеше неколку пожари одеднаш. Само вчера изгореа 35 хектари, а оваа седмица околу 50 хектари земјоделски површини – соопшти Благојчо Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.

p01Во доцните вечерни часови огнот стигнал само на стотина метри од бензинската пумпа кај Чешиново. Пожарникарите со огромен напор спречиле катастрофа. На магистралниот пат, помеѓу Облешево и Чешиново, огнот се споил од двете страни на полето, па имало застој во сообраќајот и полициска интервенција. Од разбеснетиот пламен биле спасени и делови од оранжериите „Добра“.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ги повикува надлежните институции да ги преземат соодветните мерки и да побараат одговорност од сите што ги доведуваат во опасност безбедноста, здравјето и животот на жителите не само на Кочани, туку и на поширокиот регион.