МАРУША – 91 ГОДИНА ПОТОА

726
насловната страница на книгата на Мазова
Пишува: Елена Јосимовска, историчар
Пишува:
Елена Јосимовска,
историчар

Деновиве, со промоцијата на книгата „Маруша вратена дома“ од Лилјана Мазова, театарска критичарка и публицистка, се реши долгогодишната енигма за овој драмски текст за кој се веруваше дека не постои. Текстот го пронајде Лилјана Мазова во библиотеката „Матица Српска“ во Нови Сад и го врати таму каде што припаѓа- на

Штипјани. Не само обична благодарност, Лилјана Мазова со овој гест заслужува неизоставно да биде наградена со Општинската награда орден „Свети Никола“ или наградата 8 Ноември, затоа што промоцијата на нејзината книга е голем ден за штипската култура.

Овој драмски текст датира од времето на д-р Душан Будимировиќ, драматург, режисер, управник и еден од авторите на текстот, човекот кој го донесе „Златниот век“ на штипскиот театар. Вториот автор на текстот напишан на локален, штипски говор е Новоселецот Васил Хаџикимов, кој успеал многу симпатично да го наслика секојдневниот живот на Штипјани од тоа време. Убавината на самиот текст ја надополнувал актерот Кирил Караџа, исто така Новоселец, кој со својата изведба ја одушевувал штипската публика. За него и за изведбата на драмата „Маруша“ Благородна Бурева во своите спомени вели: …..Во првата сезона на сцената на штипскиот театар беа поставени и пиесите пишувани по мотиви од штипското секојдневие от тоа време „Македонка “ и „Маруша“…… Со посебни симпатии се сеќавам на Киро Караџа, кој кога играше улоги во „Маруша“ и „Македонка“ често во текстот си уфрлуваше свои старински зборови, она неговото „ефем, ефендим џаазимиз“. Со тоа го доведуваше Будимировиќ до бес, но после му попушти и му прости бидејќи публиката се одушевуваше и сакаше такво нешто да чуе. Мислам дека тоа „ефендим…..“ го употребуваше како Кир Јања, имитирајќи го својот комшија Ефрем Хаџи-Кимо….. И тетарот во Штип, со репертоар кој мора да се пофали, беше дело на самите штипјани. Еден единствен човек, г-дин Будимировиќ, им помогна да ја реализираат својата желба која во нив беше спонтано никнала. Тој го воодушеви Штип! Девојки и младичи од најдобрите тамошни фамилии се пријавуваа и земаа учество во работата на театарот….

Но, по извесно време „Маруша“ беше симната од репертоарот на штипскиот театар и никогаш повеќе не беше поставена иако публиката го бараше тоа. Со заминувањето на Будимировиќ од Штип тој како секретар на Новосадскиот театар ги беше поставил во предлог репертоарот и „Македонка“ и „Маруша“ но поради неговата конфронтација. од финансиска природа, со управата на театарот, тој си заминал од Нови Сад и неговите коавторски драми, како на човек кој бил суспендиран од управата, биле симнати од репертоарот.

Поради тоа што речиси во сите текстови објавени во печатот  се претпоставува дека „Маруша“ е забранета од локалните власти поради употребата на македонскиот јазик кој во тоа време бил забранет ме наведе на поинакво размислување. Ако „Маруша“ беше забранета поради споменатата причина се поставува прашањето зошто драмата „Македонка“ од 1923 година чии автор е Славко Нетков истотака Новоселец, со исти карактеристики како и „Маруша“, двојазична со употреба на штипскиот дијалект, прикажувана безброј пати во штип и целата Брегалничка област не била забранета. Тоа ја побива оваа теза но постои друг момент кој можеби е многу блиску до вистината. Авторот Васил Хаџикимов  бил откриен од српските власти дека е еден од основачите на ММТРО (македонска младинска тајна револуционерна организација), поради што тој заминал за Бугарија и во печатот се обраќал со најостри китики за работата на Будимировиќ и штипскиот театар, драмата  на која  е тој еден од авторите, само поради неговото име а не содржината на текстот,  била забранета.

Претставата „Маруша“ е битова драма во три чина, од кои првиот се случува во познатата белградска кафеана „Три шешира“, а вториот и третиот во Македонија. Во драмата се говорело на македонски, на штипски дијалект, на српски и на француски јазик, според тоа од каде биле ликовите. Драмата е проследена со 17 песни од нашето штипско поднебје  во обработка на големото музичко име, штипјанецот Ристо Ѓорѓичков. Улогата на Маруша ја играла штипјанката Благородна Бурева, позната како првиот оперски глас во македонија.

Денеска Лилјана Мазова која и самата има штипски корени, повторно ја донесе„Маруша“ таму каде што припаѓа. Да се надеваме дека во блиска иднина ќе имаме прилика да ја видиме на репертоарот на Штипскиот театар. Тоа ќе биде големо задоволство за сите нас за историјата на штипскиот театар посебно.