На штипјани не можам да им го простам Амди Бајрам

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Штип, 09.12.2016

Во Штип митинг на плоштадот одржа и ВМРО ДПМНЕ со неговите коалициони партнери. Меѓу говорниците и „ораторот“ Амди Бајрам. Човекот кој на времето ја „изора“ најголемата штипска фабрика „Македонка“. Орајќи по неа од нејзините магазини украде и однесе текстил во огромна финансиска вредност.

За тоа Амди Бајрам беше суден и осуден на 4,5 години затвор.

Обвинението му го поднесе тогашниот основен јавен обвинител Александар Наков. Нему како основа за обвинение му послужи мојот текст за овој криминал објавен во Утрински весник. Таа документација, заедно со текстот како основа за кривична пријава, и денес стојат во архивата на ОЈО во судската зграда во Штип.

И ете, тој и таков Амди Бајрам, на чии простачки „шеги“ громогласно се смее и Груевски, доби прилика (одново!) да говори пред штипјани, на плоштадот со симболично име „Слобода“. Амди кој  украде милиони од маката на штипските работници во „Македонка“, токму од штипјани кои беа присутни на плоштадот, доби голем аплауз. Можно е меѓу нив да имало и работници од комбинатот кои Бајрам ги испокраде. Можно е и тие да му аплаудирале!

Токму тоа, тој аплауз даден на шарлатанот, неписмениот криминалец со тапија Амди Бајрам е нешто што силно ме иритира!  Да се аплаудира на човек кој направил такво (финансиско) злодело на наши сограѓани е непримерен чин, чин за секаква осуда.

Го пишувам овој текст со задоцнување од неколку дена. Идејата за него ми ја даде мојата книга „Новинарски искуства“ која ја издадов во рамките на прославата на моите 50 години непрекината новинарска работа. На страна 146 од книгата го ставив текстот под наслов „Аплаузите за Амди Бајрам, најголем штипски срам“. Текстот беше објавен во весникот „Штипски глас“.

Штип ништо не научил од минатото. Да припаѓаш на партија е една работа, но да аплаудираш на криминалец кој ти ги оплачкал пријателите, соседите, колегите а можеби и тебе самиот е сосема друга работа.

Ете, зато на штипјани кои таа ноќ беа на плоштадот не можам да им го простам Амди Бајрам.