ШТО СЕ РОИ ЗАД СУБРАТА РОЈ!?

Од денес, 21.ноември 2016 година, влегуваме во предизборна кампања. Време кога на нашиот простор ќе се распостелат големите ветувања (најчесто лаги) на оние кои ќе сакаат да ја освојат власта и уште поголемите верувања во тие лаги на оние кои таа власт ја даваат (народот). Ова е колумна на долгогодишниот новинар Веле Митаноски која тој ја има објавено во Утрински весник во 2014 година. Сметаме дека колумната е многу индикативна, апсолутно актуелна за деновите кои ќе ги живееме до 11 декември, односно до денот „Д“. Колумната ја објавуваме со дозвола на авторот.

Штип, 21.11.2016 година

ШТО СЕ РОИ ЗАД СУБРАТА РОЈ!?

 

Веле Митаноски
Веле Митаноски

Двете бајки – тајванската и индиската, ги поврзува фактот дека македонскиот гласач и’ верува на лагата сразмерно според нејзината големина

Приказната, индиската бајка за милијардите на Субрата Рој по многу нешта, пред се’, по намената е иста со тајванската на Васил Тупурковски. Со таа разлика што од Цилевата милијарда (долари) поединци – партиски активисти, навистина, се офајдија со по некоја крава, додека единствената Субратова крава за која слушнавме е онаа од досетката (завештението) на охридскиот владика Тимотеј – дека ќе коле света крава пред хотелите што ќе ги изгради овој белосветски измамник! Двете бајки – тајванската и индиската, ги поврзува и фактот дека македонскиот гласач и’ верува на лагата сразмерно според нејзината големина. Секако, заедничка им е и намената. И двете лаги беа во изборна функција – тајванската да се урне централната власт во 1998 година, Субратовата да се урне локалната власт во Охрид на последните избори.

За мотивите на индиската бајка дознав нецела година пред гласањето, уште пред да се чуе за името на главниот јунак. На инсајдерските информации од изворот, високо позициониран до самиот партиски врв, посветив особено внимание на делот дека големиот инвеститор (кој ќе го донесат и кој ќе ги вработи сите – од Кичево до Охрид!) бил подготвен, ако треба, да се качи и да ветува од партиската бина, на митинг во Охрид! Неговата партија, нели, сите митинзи ги започнува од светиот град! Довербата, заедно со впечатокот дека сме на истата страна од барикадата, ја спечалив откако на, од нив јавнатиот сервис – МТВ, пробеседив дека на Охрид, навистина, му треба нова невеста. Со малата ограда дека самиот, сепак, нема да бидам дел од свадбата! Сепак, и покрај оградата, ми беше ветена дури и „постизборна соработка“ на која љубезно се заблагодарив. Следствено и на поканата („честа“) за столче меѓу врвните на официјалната промоција на нивниот градоначалнички кандидат!

Би свадба и помина, дојде новата невеста, а таа и натаму гувее врз бајките на Субрата! Меѓутоа, и најмалата откривка на превезот ги разголува работите до гротеска. Дека приказната била за еднократна, изборна употреба, се виде веќе на следното изборно соочување, на парламентарните избори. Кампањата повторно почна од Охрид, ама ниту „С“ од Субрата. На ниту еден митинг, ниту друг јавен настап, лидерот на партијата и премиер, не го спомна Субрата Рој, милијардите беа заборавени, додека кумот Ставре, превентивно, беше прешалтуван од охридската петта, во струмичката – четврта изборна единица! Сега, откако Министерството за земјоделство го раскина договорот за комбинатот „Џумајлија“ во Овче Поле, меѓу охригани, но и кај целата македонска јавност, се врати интересот за контроверзниот проект на Владата и бизнисменот Субрата, околу изградбата на хотели, коцкарници и аеродроми. Секако, и за кравите и земјиштето. Дали навистина банкарската гаранција од 3 милиони евра е „соодветна отштета“ (како што вели кумот) за тоа што 5.300 хектари најплодно земјиште неколку сезони е надвор од употреба? Се’ уште не чувме дали постапката на ресорното министерство значи дека истата судбина ќе ги снајде и мегаломанските амбиции во Охрид, градот под патронатство на УНЕСКО? Напротив, во исто време дојде информацијата дека архијерејот на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот г. Тимотеј, го изгубил спорот пред Управниот суд. Го поведе откако отворено и многу остро се спротивстави на идејата, бидејќи се зафаќа и дел црковно земјиште. Се спротивставија и еколозите, заедно со експертската јавност, додека академик Цветан Грозданов отворено порача дека таквиот зафат ќе биде последната капка пред УНЕСКО дефинитивно да ги избрише Охрид и езерото од светската листа на природните реткости и вредности.

subrata-roj02Арно, ама, додека кучињата лаат, карванот си врви! Во меѓувреме, дел од локалитетот Љубаништа во Охрид, каде што Субрата планираше да гради туристички комплекс, е подготвен да оди на јавна лицитација! Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека туристичката зона „Љубаништа 1“, со површина од 26,8 хектари, е одобрена од Министерството за транспорт и врски, а во фаза на изработка на урбанистичкиот план е „Љубаништа 2“, каде што се’ уште не се расчистени имотноправните односи. „Љубаништа 2“ е десеткратно поголема и изнесува 289 хектари. Владата ќе ги прогласи двете локации за слободни туристички зони и ќе ги понуди на инвеститор, за почетна цена од едно евро квадратен метар. Претходно, од устата на најекспонираниот владин функционер дојде најавата (заканата) дека таму ќе се гради – сеедно дали со Субрата или без него!? Што значи тоа? Дали Субрата Рој е само маската, а зад него се кријат (ројат) други конкретни имиња (бизнисмени)!?

Не се откажуваат од зафатот и веруваат во неговата исправност и во локалната власт во Охрид. Сепак, спласнаа егзалтациите по најновата ситуација со „Џумајлија“. Затоа, пак, не престануваат со нови иницијативи кои на други места околу крајбрежјето, на ист начин, ја загрозуваат природната средина. Стручната јавност на нож ја дочека иницијативата за изградба на марина за јахти и глисери во Студенчишко Блато, природен резерват на живи фосили. Јавноста се’ уште не може да се изначуди како локалната и централната власт дозволија уривање на хотелот „Парк“ за на негово место да градат станбени објекти за пазар, а веќе излегоа со нова иницијатива. На местото од некогашниот автокамп „Андон Дуков“, сопственост на згаснатата УТРО „Охрид – турист“ (истата која стопанисуваше и со одамна затворениот хотел „Палас“), треба да се гради  елитна населба од ексклузивните резиденцијални објекти на провршина од 30 хектари! Од Секторот за урбанизам потврдуваат дека има интерес и дека пред ресорното Министерството за земјоделство е почната постапка за урбанизирање на тој простор. Се чека пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно! Со плановите за резиденцијална населба е напуштена идејата за изградба на објекти за здравствен туризам.

Дека работите во урбанизацијата се далеку од чисти, деновиве дојде потврда и од самата власт: „Напорите за надминување на наследените долгови и проблеми ќе бидат тотално промашени и безуспешни се’ додека истите оние кои ги креираа се тука и учествуваат во наводното нивно решавање“ – слушнавме на последната седница на општинскиот Совет од устата на советникот од ВМРО-ДПМНЕ Дејан Паноски!? А одамна знаевме дека поранешната локална власт на Охрид (со градоначалникот од СДСМ Петрески) и централната, раководена од ВМРО-ДПМНЕ, за се’ си вадеа очи, ама не и по прашањето на урбанизацијата на градот, особено не за станбената изградба! Тоа ги разјаснува мотивите за градежната експанзија во Охрид и за профититте од неа. Нападнат е секој сантиметар слободна површина, нема зграда која не е „проширена и надоградена“ со кат или два. Само на потегот од СРЦ „Билјанини извори“ до Општата болница, никнува нов, мал град за 15.000 жители.