Витаминка доби специјална награда за добар пример во областа на безбедност и здравје при работа

Прилеп, 25.04.2019

Витаминка доби Специјална награда за добри примери во областа на безбедност и здравје при работа од Министерството за труд и социјална политика и Националниот совет за безбедност и здравје при работа. Со ова високо признание се истакнуваат и потврдуваат континуираните активности во компанијата насочени кон значењето, улогата и неопходното унапредување на безбедноста и здравјето при работа на своите вработени.

Според организаторот на доделувањето на наградите, практиките на компанијата се прилагодени на крупните промени кои се случуваат во однос на работата, земајќи ги предвид технолошките, демографските промени, одржливиот развој, климатските промени и промените во делот на организацијата на работата.

Доделувањето на годишната награда е по повод одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа и се спроведува со поддршка од Канцеларијата на „FriedrichEbertStiftung“ – Скопје. Се доделува на компании коишто се истакнале со своите активности во насока на безбедност и заштитата при работа.