На СЛАВЈАНСКИ ќе се отвори филијала на универзитетот „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново, НР Бугарија, ќе се учи на Англиски јазик, a ќе има 60 магистранти

Свети Николе, 26.05.2021

Во Свети Николе на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ ќе се отвори филијала на универзитетот „Свети Свети Кирил и Методиј“ од градот Велико Трново, НР Бугарија. Ќе има три магистерски програми и тоа англиски јазик, регионален развој и информатика, а на сите три програми ќе има по 20 магистранти и ќе се учи на англиски јазик.

Ова беше речено на денешната прес конференција на кој за овој образовен меѓународен проект говореа проф.д-р Јордан Ѓорчев, претседател на Управниот одбор на Славјански и проф.д-р Христо Бонџолов, ректор на Универзитетот од Велико Трново.

– Одлучивме да и се обратиме на јавноста за да појасниме некои работи во врска со нашата меѓусебна соработка која трае осум години, а пред три години се договоривме Великотрновскиот универзитет, како партнерски универзитет на МСУ, да започне да работи со три магистерски програми на англиски јазик како странска високошколска установа. Ова барање беше поднесено многу порано од сега кога сме соочени со разни толкувања поради определени политички околности.Немало и нема политички идеи или политички притисоци за отворање на филијалата на универзитетот од Велико Трново во Свети Николе, напротив ова е само чекор повеќе кон натамошно продолабочување на нашата соработка зашто современите универзитети не се инокосни, не се затворени и не работат само и исклучиво со своите програми. Современите универзитети денес прават заеднички модели што е во самата срж и на оваа наша соработка, рече Јордан Ѓорчев.

И од законски аспект целата процедура денес е официјалкизирана со објава во Службен весник на РСМ. Според Ѓорчев, идејата за оваа соработка била и резултат на фактот дека за студирање на Великотрновскиот универзитет постоел интерес и од повеќе околни држави.-„И од тие причини ние ја направивме оваа активност тука, на нашиот Универзитет, во нашата држава“, посочи Ѓорчев.

Нашата Влада согласно Законот за високо образование донесе решение за отворање на филијалата на универзитетот од Велико Трново кое е објавено во денешниот број на Службен весник на РСМ зашто сите услови биле исполнети.

-Сепак, со ова целата работа не е завршена зашто сега на ред е Министерството за образование на НР Бугарија кое треба да даде согласност за оваа програма. Сакам да ја потсетам јавноста дека нашиот Универзитет има три партнерски универзитети, тоа е државниот универзитет во Тамбовск, Руска Федерација, со кого соработуваме од самиот наш почеток, Универзитетот во Велико Трново како наш географски најблизок партнер и Економскиот факултет во Љубљана, Словенија Во план ни е постигнување на партнерски статус со уште еден до два универзитета со кои ќе ја направиме таа наша група во која меѓусебно ќе си помагаме на секое поле, појасни Јордан Ѓорчев.

Ректорот на Великотрновскиот универзитет рече дека  Бугарија и Македонија како држави се мали и дека е крајно време двата универзитета да почнат да ја градат заедничката иднина која има смисла само во обединувањето.

-Иднината им припаѓа на европските конзорциуми од универзитети кои ќе бидат финансирани од ЕУ, окрупнувањето на универзитетите е неминовност за да можат да бидат конкурентни на големите универзитети во светот. За Универзитетите од Велико Трново и од Свети Николе тоа е полесна задача зашто ние сме партнери осум години, со или без филијала работиме  заедно, но е многу подобро кога таа сорботка ќе се официјализира, рече проф. д-р Христо Бонџолов, ректор на Великотрновскиот универзитет.

Бонџолов го изрази своето уверување дека по примерот на двата универзитета ќе тргна уште три-четири други вакви образовни установи зашто секој сам да се справи со проблемите и предизвиците е една многу тешка работа.

-Ние во Велико Трново, на нашиот универзитет имаме 125 магистерски и докторски програми, а во Свети Николе ќе имаме само три, посочи ректорот Бонџолов.