Обвинителството отвори истрага по наводите на Мицкоски дека безбедносните служби го следеле незаконски
Јавното обвинителство отвори предмет по допрен глас за случајот што премиерот Христијан Мицкоски го спомена вчера од собраниската говорница за време на седница за пратенички прашања. Според неговите тврдења, една од разузнавачките институции во земјата наводно била ангажирана со негово физичко следење, како и следење на неговото семјество. Ова, наводно, било оправдано со тврдења дека тој бил „нарачател и финансиер на пара-полициска воено-вооружена формација“ составена од „македонски радикални и националистички елементи“.
Мицкоски тврди дека бил незаконито следен од безбедносни служби во текот на 2020 година.
Од Јавното обвинителство велат дека предметот е веќе даден на постапување за да се испитаат наводите.
„Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија“, соопштија од Јавното обвинителство.
Премиерот Мицкоски вчера во Собранието рече дека една од институциите задолжени за државна безбедност, наместо да се занимава со својата основна задача, се посветила на негово „физичко следење“.
„И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор во случајот „цилиндар“ којшто според нив доставува веродостојна информација. Конкретно таква информација доставил од објективни причини, баш во 2020 година, што коинцидира со изборите, во која што вели, внимавајте, пара полициско воено вооружена формација. Претпоставувам најголем дел од вас биле пара полициско воено вооружена формација составена од внимавајте го ова, македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаат за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ“, рече вчера Мицкоски.
„И ова е многу интересно – нарачател и финансиер на оваа пара полициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски. Јас сум тој којшто оваа пара полициско воено вооружена формација ја финансирал, ја формирал итн“, додаде тој.
Според него, следени биле и неговата сопруга со синовите, од кои еден е малолетен.