Од четири фонтани во градот работи само фонтаната во новиот станбен комплекс на Актива

Штип, 29.07.2021

И во Штип температурите се над 40 степен, а народните пари кои поранешни власти ги вложија во фонтани сега се пропаднати инвестиции па штипјани нема каде да се разладат. Ако некогаш главно ромските деца се капеа во Отиња, сега и коритото на оваа река одамна е суво,а приказната со фонтаните е приказна за јавното обвинителство…

222745891_1435006133559039_2724672970137734549_n

   „Фонтаната“ пред пензионерски дом

Сред плоштадот имаше фонтана која со децении работеше, а потоа локалната власт реши да изгради нова, поубава на самиот влез на плоштадот. Фонтаната никогаш не проработе и се претвори во најскапа жардињера во државата. Така штипјани, кои на плоштадот имаа и чешма, сега немаат ништо, а баш таму температурата е највисока.

И фонтаната спроти хотелот Оаза на која самоволен градоначалник и го даде името Макфест, работеше само при пуштањето. Таа требаше да има водоскоци кои ќе „потскокнуваат“ под ритмот на песни од фестивалот. Со години на ред фонтаната не е во функција, парите се потрошија, нема ни псесни од Макфест а нема ни одговорност.

И фонтаната кај Пензионерскиот дом во близина на Градскиот плоштад „Слобода“ работеше само едно лето, а одвреме навреме се правеа обиди да се стави во функција но сите до еден беа неуспешни. Така, од четири градски фонтани имаме големо ништо и стотици илјади евра џабе фрлени пари за што, пак да спомнеме, никој не понел одговорност.

Здравко Коцев, директор на ЈП Исар вели дека фонтаните изградени со народни пари не можеле да се стават во функција бидејќи нивните системи биле многу руинирани.

-За ставање во функција на фонатана кај хотел Оаза и на малата фонтана кај Пензионерски дом ни бараат 25.000 евра. Ние цениме дека тоа се многу пари кои јавното претпријатие може да ги искористи за други, позначајни потреби, а што се однесува до градските чешми нив ги има пет-шест но штом денес ние ќе ставиме славини нив веќе утредента ги нема, што значи некој ги краде, вели Коцев. Тој додава дека идната година сите фонтани ќе бидат ок.

Во овие топли денови работи само фонтаната во станбениот комплекс на познатата штипска компанија Актива ДОО од која денес направивме фотографија од која се гледа како водата ја има исполнето фонтаната од која бликаат шест високи водоскоци. Актива направи голем напор да не ги остави без ветената фонтана станарите во двете веќе вселени згради, а таа сега е и украс и освежување за сите кои веќе живеат во удобните и супер функционални станови во комплексот.