Со пушки, пиштоли, инспекција и полиција оризот некако се посеа

Кочани, 23.05.2017

Незадоволни од фактот дека наместо 5.000 ќе мора да засејуваат само 3.00 хектари под ориз, дел од земјоделците од оризовата кочанска котлина решија сами да си ја завршат работата. Надвор од сеидбениот план тие ги насочија водите од Брегланичкиот хидромелиоративен систем кон своите ниви, по што мораше да реагира земјоделската инспекција, а откако дел од револтираните земјоделци посегна по тојаги, стапови но и пушки и пиштоли во смирување на ситуацијата се вклучи и полицијата.

-За годинава сеидбениот план предвидуваше под ориз да се засеат околу 5.000 хектари но полупразното вештачко езеро „Калиманци“ не ни го овозможи тоа. Поради сериозен недостиг од вода моравме да правиме рестрикција на површините под ориз, култура која е најголем потрошувач на вода. Друго решение во дадената ситуација не беше можно, а при правењето на планот за рестрикција водевме сметка никој да не остане без ориз зашто овие луѓе во овој крај живеат главно од оваа прехранбена култура, ни изјави Николчо Гацов, директор на водостопанство „Брегалница“ кое е од регионален карактер.

ОРИЗ ДЕНОВИ           Но, токму таквата одлука ги разлути земјоделците. Дел од нив не го испочитуваа решението за намалување на нивните површини под ориз па сами си ја доведоа водата до своите ниви. Реагира од водостопанство „Брегалница“ чии апели да се почитува редот на дадоа резултат па мораше да се вклучи и полицијата во зачувување на редот и мирот бидејќи некои од земјоделците посегнале и по ладно и по огнострелно оружје!

-Не можат да ни кажат дека во системот немало доволно вода а половина Беровско езеро го испразнија за производство не бедни количини електрична енергија, односно за профит на двајца-тројца додека илјадници земјоделци кои живееме од оризот останавме на суво. Во која друга држава има ваква земјоделска политика, на кого може да му е поважно трупањето на капитал во приватни џебови на поединци наместо приоритет да му е животот на земјопделските семејствa, ни рече Јордан Донев од Кочани. Toј смета дека револтот на оризопроизводителите бил оправдан.

Инаку, браната Калиманци може да акумулира околу 115 милиони кубни метри нето вода, а летово максималниот износ не беше поголем од 77 милиони метри кубни. Минатата година, според директорот Гоцев, биле потрошени над 200 милиони кубни метри, но лани хидролошките услови биле мошне поволни.