Штип и Конче стануваат (и) рударски општини

Штип, 12.05.2017

  • Финансиски бенефит од експлоатацијата на минералните суровини ќе имаат општините Штип, Конче и Радовиш, ќе се продолжи животниот век на рудникот „Бучим“, а новиот рудник ќе вработи над 100 лица…

 Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип и фирмата „Боров Дол“ денес потпишаа договор за заштитно-конезрваторски работи на истоимената локација. „Боров Дол“ е посебна фирма, нов дел од рударското семејството на странскиот инвеститор „Солвеј“ во чија сопственост е и рудникот за бакар „Бучим“ кај Радовиш.

Договорот на кој потписи ставија директорот на музејот Зоран Читкушев и управителот на „Боров Дол“ Николајчо Николов е со вредност од 11,2 милиони денари, што е сума која „Боров Дол“ ќе ја исплати на Музејот за неопходните истражни и заштитно-конзерваторски археолошки работи.

Николов и Читкушев го потпишаа договорот
Николов и Читкушев го потпишаа договорот

-Се работи за локација со површина од два хектари која зафаќа територија на три општини-Радовиш, Штип и сосема малку Конче. Очекуваме за најмногу половина месец од Заводот за заштита на културното наследство.да добиеме одобрение за работа по што на терен ќе излезе екипа од 80 лица меѓу кои десет археолози, пет лица од друг стручен профил и над 60 физички работници, вели Читкушев. Според него, работите треба да бидат завршени за најмногу шест месеци.

Николов појаснува дека на „Боров Дол“ веќе биле завршени геолошките истражувања. Минатата година тие добиле концесија за експлоатација на рудното тело, но услов билО детално да се истражи археолошкиот локалитет „Врчва“ кој е во самото срце на концесискиот простор.

-На „Боров Дол“ се утврдени над 50 милиони тони рудни резерви што на овој капацитет му гарантира најмалку десетгодишна експлоатација. Во моментов се работи на главниот рударски проект и на другата потребна документација. За овој капацитет е значајно тоа што за првпат во историјата на националното рударство имаме рудник кој е на територија на три општини. Имено, „Боров Дол“ со 57 проценти е на територија на општина Конче, со 39 проценти во општина Штип и со околу 4 проценти во радовишка општина. Сите тие ќе имаат постојан годишен бенефит од концесискиот надомест за експлоатација, со отворањето на овој рудник се продолжува животиот век и на рудникот „Бучим“ во чии капацитети ќе се преработува рудата, вели Николов.

Ако работите бидат завршени според договорот, веќе од почетокот на идната година на „Боров Дол“ ќе може да се започне со експлоатација на бакарната руда, a со тоа се отвораат и околку сто нови работни места.