ШТИП: Одбележан Светскиот ден на уметноста, градоначалникот Николов отвори ликовна изложба во Домот на култура „Ацо Шопов“

Штип, 15.04.2021

Штипскиот центар за култура денес на пригоден начин го одбележа Светскиот ден на уметноста. По тој повод, во изложбениот салон на Домот на култура „Ацо Шопов“ беше отворена изложба на слики на која беа претставени триесеттина ликовни дела од повеќемина ликовни уметници. Изложбата ќе биде отворена еден месец.

За Светскиот ден на уметноста зборуваше Горан Трајков, директор на Центарот за култура, а изложбата ја отвори градоначалникот на Штип, д-р Сашко Николов.

-За жал и годинава Светскиот ден на уметноста го одбележуваме во време на пандемија што само по себе ни говоди дека сиот рааскош на овој ден мора да го подредиме на мерките кои мора да ги почитуваме. Штип е еден од битните центри  на културата и уметноста во нашата држава и носител на авангардните случувања не само во нашиот регион туку и воопшто во Македонија, рече Николов.

Тој потенцира дека Центарот за култура „Ацо Шопов“ е носител на најголем број значајни настани од областа на културата и на уметноста и затоа на нас како општина е обврската постојано да ја негуваме културно-уметничката дејност.

-Во овој храм на културата низ историјата на градот се случувале врвни настани од областа на културата, а на сцената настапувале и Московскиот худежествен театар со светската актерска ѕвезда Инокентиј Смоктуновски во претставата „Галеб“, нашиот виртуоз Симон Трпчевски, Македонскиот народен театар, Танец, виолиинистот од светски глас Стефан Миленковиќ, поетесата Десанка Максимовиќ, актерот Раде Шербеџија, играни се култните театарски претстави на Горан Стефановски, а штипјани уживале и во многу други квалитетни културни настани. До пред пандемијата овој Дом на културата беше и дом на Макфест, а таков ќе биде и по пандемијата. Ние денес сме на отворање на ликовна изложба и со тоа само потврдуваме дека уметноста е таа која за момент не отргнува од суровоста  во која живее светот и во исто време не сплотува и ни влева пријатни чувства, рече градоначалникот Николов.