Европската Унија ја прославува 2021 како Европска година на железницата, додека во Македонија се укинати или привремено не сообраќаат и малкуте патнички возови на пругите. Тековново лето нема експресни возови од Скопје кон Белград и Солун, а веќе неколку месеци не сообраќа ниту брзиот воз на релација Скопје-Приштина-Скопје.
Бројот на возови за превоз на патниците е редуциран и во внатрешниот железнички сообраќај. Од почетокот на мај, привремено не сообраќа патничкиот воз Скопје-Кочани-Скопје, кој секојдневно поаѓаше од главниот град попладне а од Кочани рано наутро.
Веднаш по привременото укинување на овој патнички воз, кон крајот на мај годинава престана да сообраќа и патничкиот воз на релацијата Скопје-Кичево-Скопје, кој од Скопје секој ден поаѓаше попладне а од Кичево во утринските часови.
Граѓаните со незадоволство коментираат на социјалните мрежи за несообраќањето на возовите кои се впишани во актуелниот возен ред на Железници на РСМ-Транспорт, а деновиве се објавуваат и фотографии од Железничката станица во Кичево, со поставено известување за патниците дека возот меѓу Скопје и Кичево нема да сообраќа.
Одговори на темава побаравме од Железници на РСМ-Транспорт и ги прашавме до кога нема да сообраќаат возовите кон Кичево, Кочани и Приштина и кои се причините поради кои не се одвива редовниот патнички железнички сообраќај кој е предвиден со важечки возен ред. „Мета.мк“ не доби одговори на поставените прашања.
Идентичните прашања ги поставивме и до Министерството за транспорт и врски, од каде што добивме одговор дека на прашањата во однос на возовите и возниот ред треба да одговорат од Железници на РСМ-Транспорт.
Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ велат дека државата преку буџетот дава финансиска поддршка на ова железничко претпријатие за покривање на трошоците во патничкиот сообраќај.
„За 2021 година предвидени се 380 милиони денари, а до сега исплатени се 201 милион денари“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.
Патничкиот железнички сообраќај во земјава е во постојано опаѓање од година во година, со намалување на бројот на возови, но и на патниците кои го користат овој превоз. За разлика од кај нас, Европската Унија токму 2021 година ја прогласи за Европска година на железницата, за да ги стимулира граѓаните да го користат ова превозно средство.
Покрај тоа што возот е најевтин превоз и им овозможува најголем комодитет при патувањето на граѓаните, железничкиот сообраќај е убедливо најмал загадувач со штетни издувни гасови на воздухот, но и најмал емитер на стакленички гасови, споредено со патниот превоз, авиосообраќајот и бродскиот транспорт.
„Мета.мк“ подолг период наназад пишува за проблемите со функционирањето на патничкиот железнички сообраќај во земјава.