БЕРОВО: 60 стари лица ќе добијат нега во домот за стари лица „Иван Влашки“

Берово, 01.08.2021

Во општина Берово 60 стари лица, со над 65 години, кои не се во можност самостојно да се грижат за себе ќе добијат помош и нега во домот. Дозволата за работа, Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, му ја додели на Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“.

-Со проектот на Министерството, старите и изнемоштени лица ќе добиваат помош за активностите кои тие секојдневно ги обавуваат во своето опкружување. На ваков начин оваа социјална реформа овозможува деинституционализација на гломазните централизирани установи за социјална заштита, рече Шахпаска и додаде:

„Овие возрасни лица ќе ја користат услугата дури и во најоддалечените места во општината, кога говорам најоддалечените места. Дваесетте негуватели кои се избрани и ја поминаа обуката ќе им помагаат на старите лица во домот, во хранење, облекување, набавка на лекови и прехранбени производи, прошетка во околината, мобилни апликации и се она што им е потребно во извршувањето на нивните секојдневни активности. Наше очекување како Министерство за труд и социјална политика е овие услуги кои ние ги купуваме во следните 12 месеци, преминат во ингеренции на локалната самоуправа. Затоа што суштината на социјалната реформа е децентрализација на социјалните услуги на локално ниво, за да се доближат до граѓаните“.

За Звонко Пекевски, градоначалник на Општина Берово токму новата услуга нега и помош на стари лица во домот е потврда за бенефитите од децентрализацијата.

„Локалната самоуправа е таа која најдобро ги познава своите сограѓани, нивните специфики и нивните потреби. Затоа сме задоволни што имаме можност оваа услуга да ја организираме и да ја спроведуваме заедно со установата „д-р Иван Влашки“. Преку неа ќе ја докажеме грижата за нашите највозрасни и немоќни сограѓани“, рече градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски.

Марија Цикарска, в.д.директока на Домот за стари лица вели дека поради вклучувањето на невладиниот и граѓанскиот сектор, физички лица и приватни правни субјекти, во давањето на услугите на корисниците се очекува подобрување на квалитетот на социјалните услуги.

„Нашата установа има огромно искуство во грижата за возрасните. Сега, преку обуките и сертифицирањето на негувателките достигнавме квалитет кој на корисниците на нашите услуги ќе им гарантира подобрување на квалитетот на секојдневниот живот. Сигурна сум дека отсега ќе бидат многу позадоволни и полесно ќе се носат со предизвиците“, рече Марија Цикарска.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе