Охрид, 20 јули 2018
– Во недела, во повеќе села и со повеќе манифестации, сенародно, ќе слави славна Дебрца – вели градоначалникот на оваа мала, но со активностите – богата општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Случувањата се дел оде кампањата, односно програмата за одбрана на територијата од еколошка загроза.
Централната манифестација, со симболичниот термин – “пет до дванаесет!” ќе се одржи во селото Годивје, на просторот каде е замислено отворање на регионална депонија.
– Овој пат нема да митингуваме, туку ќе празнуваме. Ќе јадеме, пиеме, играме и пееме, вели Миленко Андрески, формален организатор на манифестацијата, со формалното име – “Гомлезијада – Годивје – 2018”.
Манифестацијата започнува во 8,00 часот, со подготвување на народниот, локален, специјалитет – ѓомлезе, мегу населението познато јадење и како тури – потпечи.
Според програмата, 20 – ина припаднички на понежниот пол, од сите села на општина Дебрца, со своите реквизити – сач и пирустија, како и другите потребни садови и алатки, ќе подготвуваат гомлезе според личен рецепт, додека организаторот обезбедува брашно, зејтин, сол и дрва.
Во дегустацијата, оценувањето и одбирањето на победници за најдобро направено ѓомлезе, транспарентно, ќе учествуваат сите посетители, по што следи доделување на наградите – за прво, второ и трето место.
За целото време, гостите ќе ги забавуваат фолклорни групи, како Група Прима Бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски, Спасе Матлиоски и други.
Но, тоа не е се, вели Андрески и додава:
– Од културолошки аспект тоа ќе биде мал фолклорен фестивал. Покрај од општина Дебрца ( КУД “Дебрца”-Мешеишта), и општина Охрид, ќе настапат фолклорни ансамбли од други македонски градови, но и од 4 странски земји: “Дофтината” (Валеа Дофтанеи) – Романија, “Скални” од Краков – Полска, “Подуенска китка” од Софија, Бугарија и КУД “Св.Криж”, од Зачартје, кај Загреб – Хрватска, додава Андрески.
Дебрца се буди. Во тек се активностите од 34-та, по ред, Ликовна колонија “Дебрца – 2018”, чии учесници во недела ќе творат во Црвена Вода, а потоа ќе им се придружат на славениците во селото Годивје.