Делчево, 26.01.2019
Ученици од делчевската гимназија „М.М.Брицо“ и двајца нивни професори попладнево патуваат за Љубљана со мисија за збратимување со гимназијата „Полјане“. Посетата на учениците е во рамките на годишната Програма на СОУ „М.М.Брицо“, а целта на патувањето е проширување на соработката меѓу двете училишта, размена на искуства и стекнување нови пријателства.
Директорот на училиштето Љупчо Прачковски истакна дека иницијативата за збратимување меѓу двете училишта постои поодамна и е резултат на добрата соработка меѓу културно-уметнички друштва од училиштето и од Делчево.
– Во Словенија ќе патуваат 18 ученици од трета година, а патувањето ќе се реализира од 26.01.2019 до 02.02.2019 година. Целта на патувањето е збратимување на двете гимназии, размена на искуства меѓу учениците. Учениците ќе следат 7- дневна планирана програма, опфатено е учество во редовната настава во училиштето на англиски и на словенечки јазик. Исто така, се планира и посета на културно-историски знаменитости од Љубљана и Словенија. Нашата гимназија за прв пат ќе има можност да реализира ваков вид на посета на образовен центар кој работи по европски терк. Очекуваме нашите ученици да бидат амбасадори на нашето училиште, градот и државата и да се стекнат со нови искуства од држава која оваа година е прогласена за најчиста држава во Европа, истакна Прачковски.
Учениците од Словенија ќе ја посетат делчевската гимназија во текот на април. Инаку, делчевската гимназија е збратимена и со средношколскиот училишен центар „Кузман Шапкарев“ од Благоевград.