Иреални сказни од реалниот живот: Чекајќи го аберот од Атина: Без Европа сме “никој и нишчо”!?

Ете, дојде и тој момент. Само часови, минути не делат од ратификацијата на Договорот од Преспа, денеска,  во грчкиот Парламент.

Комисијата за надворешни работи и одбрана при грчкиот Парламент, претходно, со потребното мнозинство, го усвои Нацрт законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа.
Со ратификацијата на конечниот договор за решавање на разликите, се прекинува Времената спогодба од 1995 година и се воспоставува стратешко партнерство меѓу страните.
Ратификацијата на договорот од Преспа, сега е сосема извесна, бидејќи е помината последната пречка во Комисијата, каде Сириза на Ципрас немаше мнозинство.Во парламентот тоа е обезбедено.

50808942_252500995680270_4956671303609221120_n
Веле Митаноски

Денеска е петок, 25 јануари. Ратификацијата, задоцни еден ден, но подобро во петок, отколку “не ова среда, туку другиот понеделник!”. Тоа се вика –  никогаш!

Синоќа, нешто пред полноќ, за пријатна вечер и мирна ноќ, на пријателите им порачав: Наместо суеверноста, да ја одбереме ВЕРНОСТА, во себе и во Бога – и утре со нас, во Атина, заедно со Athēnâ, божицата на цивилизацијата, мудроста и интелигенцијата. Наместо непријателство и разидување, да одбереме СОБОРНОСТ: “Kвалитетот на љубовта е таков што оној што сака и оној кој е сакан не се веќе двајца, туку едно. И повеќе од тоа: Вистинската христијанска љубов на секој од нашите браќа го гледа самиот Хиристос. Мера на духовната зрелост на личноста и на Помесната Црква е нивната соборност. Не постои множина во која секој нејзин член е издвоен во себе, монадски затворен, а може да стане братство”.(Отец Стефан Санџакоски – “Богомислие”).

Синоќа, мислев на снегот и дождот што ја испраа “нашата страна” (и оладија многу глави), а кои, кај да е, до 14,3о ќе пристигнат и до “втората страна” – до Атина!?

“Отсекогаш сум верувал дека суштинските преобразби,како во човекот, така и во општествата,се случуваат во многу ограничени временски периоди.Кога најмалку очекуваме, животот пред нас поставува пресуден предизвик кој ги доведува до искушение нашата храброст и нашата воља за промена; во тие мигови најлошо е да се сака ништо да не се случи,или да се бара изговор во неподготвеноста. Предизвикот нема да чека, животот не се осврнува наназад. Една недела е повеќе од доволно време за да донесеме одлука дали ќе ја прифатиме, или ќе ја отфрлиме својата судбина”.(Пауло Куелјо -“Демонот и госпоѓица Прим”).

Ова не важи за егоцентрици и вербални езгибиционисти, нивна омилена лектира се Бекет и неговиот недочекан Годо. (Кој, ако не дежурниот сатиричар, Љупчо Сиљаноски).

“Втората страна” , всушност, треба да го направи, само она што го направи “нашата страна”. Дури и со помалку отстапки, со помалу лузни, од ние кои веќе ги има (и во буквална смисла) премиерот Зајас. Не ни беше мило што правеше пактови со ѓаволот, но ајде, нека му биде: се е добро кога добро ќе се заврши.

Ова се нарекува храброст и чесност, ги коментираше професорот Ѓорѓи Спасов, извештаите од Атина, дека грчкиотпремиер Ципрас, во синоќешниот говор пред парламентарците, собрал храброст да ја спомене Мирка Ѓинова.

Навистина храбро и чесно, иако, историски гледано, таквата чесност требаше да дојде од  ќерките и внуките на Папарига (за помладите – лидер на КПГ од времето на нашата младост), кои, сега, се во првите јуршини одреди на национал-шовинистите, а во годините на нашето детство, на конгреси усвојуваа Резолуции за правата на Македонците во Грција, се печатеа буквари на македонски јазик, за тамошните Македонци!!!Што остана од тогашниот ентузијастички интернационализам – преточен во шовинизам на грчките “комунисти – интернационмалисти”?.

Тогаш, на грчките комунисти, им требаа Македонците, кои после нив беа најбројни во антифашистичката војска, по италијанската окупација. Изгинаа, во тој “ирационален патритизам” (кованица на западните историчари), десетици илјади од Леринско, Воденско и Костурско, предводени од  СНОФ и СНОМ.

Ете, дојде неочекуваното, но можното, затоа што, ете, дошло времето зa “донесување одлука дали ќе ја прифатиме, или ќе ја отфрлиме својата судбина”.(Пауло Куелјо -“Демонот и госпоѓица Прим”).

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во своето двочасовно обраќање пред пратениците околу ратификацијата на Преспанскиот договор, во едно речиси шокантен дел околу Граѓанската војна во Грција ја спомена и Мирка Гинова, Гинова, родена во Воденско се бореше во Втората светска војна, а потоа беше дел од ДАГ за време на Граѓанската војна во Грција. Таа беше стрелана во Ениџе Вардар во 1946 година од десничарската реакционерна војска. Македонската Мирка Гинова е првата жена стрелана во Грција од политички причини.

Токму тоа го нагласи во својот говор Ципрас обраќајќи им се на пратениците на Комунистичката партија на Грција кои се жестоко против Преспанскиот договор. Тој ја спомена Мирка Гинова, нарекувајќи ја и со нејзиното македонско име и со неговата грчка транскрипција. Тој го спомена и законот со кој грчката држава им забрани враќање на македонските бегалци од Граѓанската војна.

Трпение-спасение!

Како граѓани на ова парче земја, ќе го добиеме она што ни припаѓа. Само пред една седмица, во мојот Охрид, политичарот и хуманист, професорот Романо Проди ја прими Светската награда за хуманизам. Во очи на големиот христијански православен празник, Богојавление – Водици, во Куќата на Уранија (МАНУ), од него слушнавме:

– Охрид и Македонија се прататковината, магна карта на на европскиот хуманизам, со самиот факт што Свети Климент Охридски, на стотина години пред првиот европски универзитет, во Болоња, овде ја формираа првата хуманистичка школа.

Романо Проди, не е било кој: Политичар, хуманист, универзитетскиот професор и еден од водечките интелектуалци на стариот континент,  еден од визионерите и градителте на европската идеја, eкс-премиерот на Италија и поранешен претседател на Европската комисија. 10 години специјален претставник на ОН во Африка, носител на акции за мир, за исхрана на тамошното население.

– Духот на европската идеја не се профитот и економското поврзување, туку хуманизмот и солидарноста. Европа е заедница на малцинства.  Европа треба да биде семејство на мир и солидарност, во европската архитектура, како темел треба да влезе балканската стратегија, но и нешто пошироко – солидарноста со африканските земји, чие население , без своја вина, се раселува во очајнички поморски и сувоземни колони – потенцираше Проди.

Дипломатот и писател, Јордан Плевнеш, во својата пригодна беседа, напомена дека, вечерва целата светска идеја на хуманизмот е во Охрид.Проди е 13-от добитник на Светската награда на хуманизмот, но не треба да го препознаваме само како – досега прв од политиката, затоа што тој е и голем хуманист.

– Вечерва во Охрид, градот на првата средновековна европска школа на хуманизмот, на самиот почеток на 10. век, се случува една вистинскас духовна револуционерна синтеза, мегу двата митски европски градови во Европа, Охрид и Болоња –потенцираше Плевнеш.

Доказ за духовното единство мегу Охрид и Болоња е фактот што еден од најстарите глаглски ракописи, пишуван е во охридското село Рамне (1230-1240), а се чува во Августинскиопт манастир Сан Џакомо Маџоре во Болоња, под името Болоњски псалтир.

Тоа што Атина е нашата попатна станица кон Брисел, никого не треба да  чуди.Само треба да ни ги отвори очите, нам сега ни се потребни широко отворени очи. Нашиот Велик охриганец, Григор Ставрев Прличев, кој, токиму од Атина, ни го донесе Ловоровиот венец, исто така, не беше разбран и омилен во “своето село”, кое не ги признава роднокрајните пророци.

Но, Прличев, уште тогаш, пророчки, напиша” “Излезете во Европа да  видите дека сте никој и нишчо!?

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе