Струга, 6. јули 2019
– Денеска напладне, во предворје на црквата Св. Ѓорѓија од Струга, со доделувањето на наградите „Книжевна далга“ за 2019 година на Димитар Пандев, и „Бранувања“ за најдобра прочитана песна на македонски и странски автори, завршува овогодинешното, деветто по ред, издание на манифестацијата „Струшки книжевни средби“.
Учествуваат педесетина поети од земјава и странство, кои настапија во Струга, Охрид и Вевчани, додека манифестацијата ја организираат културниот центар „Бран“ и ревијата „Бранувања“.
Вчерашниот ден, учесннците го минаа во Вевчани, каде се одржа традиционалниот Поетски маратон, на познатите Вевчанските извори, при што беше претставен поетскиот портрет на добитниците на годинашната награда „Струшко слово“: Лидија Капушевска – Дракулевска, Мустафа Спахиу и Недељко Терзиќ.
Претходно, во Спомен домот на браќата Миладиновци, во Струга, е се одржа „Книжевна пловидба“, како и стручна работилница на тема:„Придонесот на списанијата во развојот на современата македонска литература, култура и уметност: 75 години од ослободувањето“.
Во центарот за култура „Браќа Миладиновци“, врачени беа наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“ на Даниела Андоновска – Трајковска и Игор Крајчев.
Посттхумно благодарница доби Владо Малески за уметничкиот влог во создавањето на химната и неговиот придонес во градењето на слободна Македонија.
Во НУ Библиотека „Григор Прличев“, беше промовирана книга и претставен портрет на Новица Соврлиќ, кој ѝ припаѓа на поновата, современа српска книжевност, со заслужно високо место меѓу поетските предводници на српската литература и култура.
Новица Соврлиќ е потпретседател на Здружението на писателите на Србија.
Според проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска неговата „Небесна тишина“ е песна за еден народ кој опстојувал низ вековите, за нашата мајковина и татковина, за родната грутка, за земјата во нас самите, за небата под нас кои не сакаат да нѐ пуштат да влеземе, за обичниот честит човек кој најмногу знае со колкава радост се рони земјата низпрстите кога е своја, за сестрите и браќата по крв и по земја.
Веле Митаноски