Штип, 27.09.2017
Илчо Захариев го спасил животот на човек! Така соопшти медиумот кој го следи секој чекор на Нарцисот. За „спасителската мисија“ на Захариев телевизијата која соопштува само дневни настани јави со пет дена задоцнување. Но, тоа не е важно. Важно е дека приказната стаса до јавноста. По принципот никогаш не е доцна. Посебно кога се брка рејтинг кој е во страшен слободен пад. Во веме изборно во кое луѓето си бараат нормална власт со нормален градоначалник како нивен репрезент.
Kaко се случил настанот.
Мотор налетал на пешак кај Бриони, го покосил, пешакот паднал со тешко повредена нога, поминало едно возило но не застанало да го каче и пренесе во болница. Одеднаш како Исус спасителот тука се нашол градоначалникот Захариев со возачот, го качиле човекот во возилото и го однеле во болница.
Нешто слично како Вучиќ кој спасуваше момче во завеан снег, како Вучиќ на кој му се струполи младо момче сред емисија и кога тој се завртe да побара помош за момчето. Нешто слично како нашиот Грујо, на кого сред прес конференција му се струполи момче, ама ниту тој ниту некој од младите вмровчиња кои стоеја како руските кукли Бабушки, како шпиртосани, како камените кукли па не се ниту помрднаа да помогнат.
Не велам дека е лошо тоа што го направил градоначалникот и неговиот возач. Не тврдам ниту дека телевизијата кажала нешто што не е вистина, зашто повредениот штипјанец јасно си го кажа тоа. Но велам дека Захариев, кога веќе сака да се бави со јавни работи, мора да ја знае преубавата мисла која вели добро е да си добар ама е крајно мизерно да се фалиш со тоа.
Сепак, кога е во прашање рејтингот кој е на стравотна удолнина, и една ваква, иако бајата вест, можеби ќе може нешто да поправи. (Ив.Бој.)