Делчево, 29.06.2018
Младинското советодавно тело формирано од Советот на Општина Делчево ја одржа својата прва седница на која за претседател на Советот на млади беше избран Никола Тренчевски, а за заменик -претседател Димитар Постоловски. Мандатот на членовите на Советот на млади е во траење од две години, а во него членуваат: Никола Тренчевски, Марта Тасева, Димитар Постоловски, Бојана Вучковска,Александар Толевски, Мејрема Демирова, Никола Џабирски.
Претседателот на Советот на млади Никола Тренчевски потенцираше дека ова тело ќе биде линк на младите и Опоштина Делчево и тело кое на прв план ќе работи на проекти и ќе презема активности за младите.
-Ми претставува чест што ќе го водам Советот на млади и изразувам благодарност до младите што ми ја дадоа довербата да го водам ова тело. Целта ни е да придонесеме со нашата активност за подобар и поквалитетен живот на младите и сакам да им порачам дека Советот ќе биде нивни сојузник во остварување на нивните права и во подобрување на животот на младите, истакна Тренчевски.
Градоначалникот Горан Трајковски кој присуствуваше на Седницата, го поздрави формирањето на ова тело и истакна дека Советот на млади треба да ги анимира младите во општината да бидат активни во креирањето на локалните политики за млади.
Инаку, Советот на млади во општината има обврска да расправа за прашања значајни за нивната работа, за прашања за кои се расправа на Советот на општината, а се од интерес за работата на младите, да предлага на Советот на општината одлуки, програми и други акти од значење за младите, изработува извештаи до надлежните органи за проблемите на младите, а по потреба предлага донесување програми за отстранување на настанатите проблеми и подобрување на положбата на младите на локално ниво и слично.