Кочани, 16.08.2019
По Штип, град во кој при крај е изградбата на нова детска градика за 200 дечиња, и Кочани наскоро ќе добие таков објект. Всушност, Кочани е една од првите четири општини во државата каде што ќе се градат нови детски градинки со грант од Проект финансиран од Светска Банка, со кој се подобрува пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца. Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го потпишаа договорот за грантот, чија вредност само за градежните работи изнесува 63 милиони денари.
– Му благодариме на Министерството за труд и социјална политика што соодветно одговори на потребите на граѓаните и по четириесетина години Кочани добива нова, модерна градинка, проектирана по најсовремени стандарди – се заблагодари градоначалникот Илијев.
Министерката Царовска истакна дека продолжува да се создава повеќе простор во градинките којшто е неопходен за раниот развој на децата.
– Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги подобрува условите и квалитетот во детската заштитa. Истовремено ги јакнеме професионалните компетенции на кадарот и го враќаме достоинството на професијата воспитувач со зголемувањето на платите во просек за 16 % – рече министерката Царовска на потпишувањето на договорите за грантовите.
На неодамнешната јавна презентација на проектот, јавноста беше информирана дека новата детска градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најнови стандарди. Идејниот проект е изработен од светски признатиот архитект, Словенецот Јуре Котник, со замисла тоа да биде зграда насочена кон децата и нивната поголема физичка активност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.