Кочани, 21.04.2021
Поволните временски услови овозможија Општина Кочани и Друштвото „Синохидро корпорејшн лимитед“ – Пекинг, подружница Скопје, да реализираат акција за озеленување на влезот на Кочани.
– Изминатов период, при градбата на експресниот пат односно поради проширување на делницата, дојде до отстранување на неколку дрвја. Во разговор со изведувачот на патот, се договоривме да направиме компензација, односно заеднички да обезбедиме 200 садници коишто ќе бидат засадени на погодни локации и да ја надоместиме изгубената зелена дрвна маса. Сметам дека ова ќе придонесе за подобрување на целокупниот амбиент и на животната средина – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
На потегот од крстосницата на улиците „Димитар Влахов“ и „Павлина Велјанова“, во два реда се засадени садници од дуглазија, што ќе биде добра зелена заштита на станбените објекти коишто се во непосредна близина со фреквентната сообраќајница. Озеленета е и површината пред бензинската пумпа „Лукоил“, а чемпрес е засаден покрај патот, по бензинската пумпа „Макпретол“.
Според оценките на стручните лица, засега одлично напредуваат новите садници во пошумувањата што се реализираа пролетва.