Кочани, 14.12.2018
Општина Кочани распиша објава за отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, со која се ставени на продажба 13 градежни парцели, од кои седум со намена индивидуално домување, две за лесна индустрија, три за викенд куќи на Пониква и една градежна парцела со намена за изградба на домување во станбени згради.
Од парцелите за индивидуално домување две се наоѓаат на улицата „Трета македонска бригада“, две на „Ката Мокрејка“, една на „13 Македонска бригада“, една на „Февруарски поход“ и една на улицата„Јордан Зафиров“, а се со површини од 163 до 462 м2.
Парцелите со намена за лесна индустрија и мало стопанство се наоѓаат во месноста Драчевик и се со површина од 1471 и 1150 м2.
Трите градежни парцели за викенд куќи на Пониква се со површина од 449 до 654 м2.
Градежната парцела за изградба на станбена зградасе наоѓа на улицата „Роза Петрова“ и е со површина од 1559 м2. Парцелата за изградба на станбена зграда е со компатибилни класи на намена за времено сместување, мали комерцијални објекти, големи трговски единици, деловни простории, култура и државни институции.
Рокот за пријавување за градежните парцели за индивидуално домување, за лесна индустрија и мало стопанство и за домување во станбени згради е до 15 јануари 2019 г., а јавното наддавање ќе се одржи на 17 јануари. За градежните парцели за викенд куќи рокот за пријавување е до 23 јануари, а јавното наддавање е на 25 јануари.
Почетната цена за станбената зграда е 1 380 денари за метар квадратен, а за сите други градежни парцели е 61 денар за метар квадратен.
Целосната објава за продажба на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, е поставена на огласната табла во дворот на општинската зграда и е објавена на веб-страницата на Општина Кочани, www.kocani.gov.mk