Скопје, 16.02.2017
- Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски, е под кривичен прогон уште од 2014 година, за сторено кривично дело непостапување по правосилна судска пресуда. Кривичната пријава има и за претседателот на охридското Здружение на пензионери, Ѓоко Трпчевски, но и двете се заглавени во лавиринтите на Јавното обвинителство! И во Штип имаше афера со парите на пензионерите но таму нема судска разврска…
Зошто Обвинителството ништо не презема со години? Дали одговорoт, можеби, лежи во прашањето: Зошто Аргировски, тргува и се пазари со честа на стотици илјади пензионери, скривајќи го своето безчестите и ставајќи ги пензионерите на политичкиот пазар со предизборните меморандуми со владеачката ВМРО ДПМНЕ!?
Замешателството на Аргировски, односно локалниот пензионерски “лидер” е околу недвижен имот во Охрид, во кој се сместени Здружението на пензионерите за Охрид и Здружението на инвалидизирани пензионери од Охрид, кое, ја поднело кривичната пријава против Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија.
Аргировски, во функција на “должников должник” (правна формулација) не попстапува и одбива да изврши наплата, по правосилна судска пресуда, односно забрана на побарувања. Исто така, повратните средства не ги уплаќа на сметката на Здружението во Охрид, туку на новоформиран, паралелен, правен субјект – Клуб на пензионери! Клубот, пак, е формиран да се заобиколи блокирањето на сметката на Здружението во Охридска банка. Паралелно, Аргировски не постапува и по барањето за извршување, поднесено од адвокат-полномошник. За случајот се заинтересирале и од Министерството за правда, односно Народниот правобранител, но, барем засега, засегнатите “лаат”, а “карванот” на Аргировски, си врви без проблем!
Здружението на инвалидизирани пензионери од Охрид, го тужи Здружението на пензионери од истиот град, за стекнување на средства без основ. Основниот суд во Охрид, со пресуда, го усвојува тужбеното барање и ја задолжува тужената страна, на тужителот да му исплати 1.723,250,оо денари, по основ на закупнина за периодот од 28.01.1997 до 30.06.2006, и уште 2о1.617,00 денари трошоци во постапка.
Здружението на инвадилизирани пензионери, поднесува и тужба за неосновано збогатување, а Судот ги спојува двете постапки.Имено, Домот во Охрид го граделе заедно двете спротивставени страни, за да го користат по половина. Здружението на пензионерите не се придржува на договорот, ги издава деловните простории и становите, а средстваата ги задржува само за себе! Дури, поднесува и контра тужба за, наводно, одржување на просториите (на инвалидите!) побарувајќи 187.200,оо денари! Судот им пресудил само 35.305,оо денари. Како и да е, првостепената пресуда, ја потврдува Апелациониот суд во Битола, а конечно и Врховниот суд ја потврдува пресудата на Апелациопниот суд, на 23.02.2011.
Здружението на инвалидизирани пензионери, откако во 1996 се регистрира како посебен правен субјект и продолжува да користи мал дел од заедничките простории, покренува судска постапка за утврдување право на сопственост. Бара една идеална половина, како што било договорено пред почетокот на градбата, но Основниот суд во Охрид го одбива тужбеното барање, додека постапката завршила со правосилна пресуда, со која се утврдува дека зградата, како недвижен имот, е сопственост на Република Македонија, а странките се само корисници.
Плацот на кој е изграден Домот до 1937 година бил државно земјиште. По Втората светска војна имал повеќе титулари – општински институции, за од 1974 година да се води како заеднички имот, по една половина, на Здружението на пензионери, односно Здружението на инвалидизирани пензионери. До изградбата на Домот тие биле едно правно лице, а имотот, како заеднички е евидентиран во катастарска евиденција.
Така и почнала изградбата од страна на двајцата “согласни браќа”. На 29.05.1971 година ИО на Здружението на пензионери, носи одлука за заедничка градба. На 27.07 истата година двете здуженија склучуваат договор за заедничка градба, со ГП “Гранит”. “Браќата” градат “Дом за пензионери“, за живеење на пензионерите и пензионирани инвалиди на трудот од општина Охрид, со средства од Општинскиот фонд за стамбена изградба на пензионери и пензионирани инвалиди на град Охрид”. “Браќата”, го стават кровот, на објект со корисна површина од 642,63 метри квадратни во станови за живеење и деловни простории.
“Би свадба (градба!) помина”, сега еден од “браќата” (Здружението на пензионери) се пишмани и не му дава на “помалиот брат” една половина од објектот! Вишокот простор го издава под закупнина на трети лица. Една авто-школа и една аптека, како и 5 станови. Сето тоа, барем формално, за околу 500 евра, во центарот на Охрид!
Формално-правно, сопственик е, нели, Република Македонија!?Арно ама, “поголемиот брат” ги прибира средствата од месечната закупнина и за 113 месеци, само за периодот од 28.01.1997 до 30.06.2006 инкасирал добри 1.723.250 денари, кои “заборава” да му ги префрли на сопственикот!?
“Должниковиот должник” – СЗПМ, односно претседателот Аргировски, се оглушува на судското решение – оваа сума (1.723,250,оо денари), сега да ја префрли на Здружението на инвалидизирани пензионери! Тоа се пари, за отприлика 9 години, ама што правиме со наредните десетина години? Колкава ќе биде дотогаш сумата? Барем уште толку, заедно со затезните камати и трошоците во постапката, и многу повеќе!? Дали ќе ја надминат и самата вредност на објектот и кој ќе ја понесе одговорноста за сето тоа?
Да си спомнеме дека минатата година финансиско-криминална афера го тресеше и Здружението на пензионери во Штип. Работата дојде до суд но во судот и застана….