На крајот од денот ќе и го најдеме “чарето” на Коронавирусот, човештвото одново ќе излезе како победник.
- Интервју со д-р Сашко НИКОЛОВ, интервентен кардиолог, началник на оддел за Кардиологија, Клиничка болница – Штип.
Нашиот портал секој ден ќе прави по едно до две интервјуа на тема „Што работат и што мислат познатите во услови на коронавирус и (само)изолација“. Интервјуата ги отвараме со д-р Сашко Николов, интервентен кардиолог,началник на одделението за кардиологија при Клиничка болница-Штип, советник во Советот на Општина Штип и кандидат за пратеник.
Д-р Николов, што, сушност, работите во ова време/невреме? Имате ли слободни денови или постојано сте на работа во Клиничка болница?
-Во време на пандемија на Коронавирусот, кога сите задолжително мораат да седат дома и да ги почитуваат мерките, за жал пациентите со кардиоваскуларни заболувања, имаат потреба и итно мора да доаѓаат на прегледи. Без разлика дали има пандемија на Коронавирус, акутните инфаркти, дали тоа биле на срце, на нозе, на мозок, се активни и за жал на моето одделение на Кардиологија, во КБ Штип, работиме активно, без прекин, а во последните две недели и со значително зголемено темпо. Мора да кажам дека кога започнаа мерките, некаде на почетокот на март, имавме едно кратко затишје, но после тој период , бројот на инфаркти се зголеми и работиме со полн капацитет, со тоа што целиот кардиолошки тим е поделен во два дела, кои паузираат по една недела, со цел секогаш да има резервна екипа, која ќе ја продолжи работата во сала. Имаме доволно матерјали, стентови и се што ни треба за да ги извршуваме сите можни интервенции, така да пациентите во Источниот регион да си бидат спокојни, кога станува збор за нивното кардиоваскуларно здравје.
Дали оваа ситуација дава кај докторската фела дополнителна енергија да се победи непријателот и од каде доаѓа таа енергија?
-За првпат после СТО години, човештвото се среќава со еден глобален здравствен проблем, кој се заканува да го промени целиот начин на живеење, сите ние се соочуваме со една болест, која е нова за целиот светски докторски свет, за првпат во историјата на човештвото, не се битни политичарите, не се битни религиите, не се битни парите. Овој период целиот медицински персонал во светот е ставен во прва борбена линија, за да се избори со овој невидлив непријател, кој за жал зема доста жртви од цивилниот, но и од здравствениот сектор. За жал во оваа борба голем број на доктори, сестри, болничари, хигиеничари итн, го изгубија својот живот, борејќи се да спасат нечиј друг живот. Уште од првиот ден на медицинскиот факултет, нас како студенти, не учат, дека треба со нашето знаење, нашата умешност да го користиме знаењето, да ги лекуваме и помагаме болните, кои имаат итна потреба од нас. Тој ден е дојден и за жал трае повеќе од пет месеци во светот, а кај нас околу два месеци, а се надевам дека нема да трае уште долго. Но како и да е, македонските граѓани, кои живеат во Р.Северна Македонија, да не се плашат за своето здравје, зошто кај нас има неуморни, млади, стари, искусни, неискусни со желба за работа, здравствени работници, кои се полни со енергија, која ја црпат од упорноста на овој вирус. Колку повеќе се заканува,толку посилно му се спротивставуваме и верувам дека за брзо време ќе го избркаме од нашето секојдневие.
Кога ќе си дојдете дома од работа која ви е темата на разговор со сопругата? Ја пренесувате ли работата дома или се ослободувате од неа штом ќе ја напуштите болницата?
-За среќа имам сопруга и фамилија, која ја разбира мојата професија и за моја среќа имам огромна поддршка од сите нив. Единствениот проблем е што многу често, неможам да стигнам дома навреме (ќе заглавиме со некоја интервенција) за да ручаме заедно, зошто тоа е еден омилен дел од денот, каде јас и моето семејство сме седнати сите заедно и едноставно уживаме во највкусните ручеци кои ги готви мојата сопруга. Задолжително чашка домашна ракија со салата, а потоа главното јадење (без леб) и на крајот уживаме во едно еспресо и 2-4 коцки чоколадо. Потоа сопругата ја успива ќерката, а јас ги имам моите 30 минути, да се ресетирам и ретроградно да се анализрам што се се случувало тој ден на работа.
За првпат во историјата на човештвото, не се битни политичарите, не се битни религиите, не се битни парите. Сега се наогаме во една состојба каде и здравите и болните, богатите и сиромашните, оние од градовите и оние од селата, сега сите заедно сме засегнати и на сите ни е скратен комодитетот кој сме го имале
Како дома се ослободувате од стресната работа? Слушате ли музика, ако слушате која е таа, кој ви е омилен бенд, пејач,песна…Читате ли некоја книга, гледате ли ТВ, и што гледата таму….Дали и од ТВ ве опседнуваат информациите во врска со заразата?
-Пред да започне кризата, задолжително, минимум 4 пати во неделата имав физичка активност (играв мал фудбал 2 пати неделно), посетував тертана за одржување на кондиција (2 -3 пати неделно, во зависност од повиците за инфаркт). Од кога започнаа вонредните мерки, имам една соба во подрумот, која скромно ја опремив за вежбање и пробувам барем 3-4 пати неделно да ја истрошам целата негативна енергија, која се акумулира во мене. Омилен бенд е една стара екс Ју група, Галија, каде уживам во сите нивни песни, но тука се и песните на нашиот Тоше, кои будат една емоција која не прави да бидеме посилни заради самите нас. За жал или за среќа, неможам да гледам многу ТВ, зошто кога сме дома, а ќерката е будна, тогаш на ТВ има пуштено музика, детски песни и ние мораме да ги пееме и играме заедно со ќерката, но затоа за сите информации за се она што се случува во нашата држава, за се она што се случува во светот, кои се новите пристапи на лекување,новите пристапи на заштита и превенција, новите пристапи во кардиологија, ги добивам од стручни медицински форуми, каде се дискутира на највисоко стручно ниво, без ниедна т.н. лажна вест, кои за жал во нашата држава, сé повеќе и повеќе станува opinion maker, а со тоа се прави и огромна штета, во организација, а понатаму и по здравјето на македонските граѓани.
Како гледате на аплаузите кои медицинските работници низ светот ги добиваат сега: Дали тоа е закаснета реакција на најважната работа на светот, или требаше да се случи коронавирусот за луѓето да го сватат вистинското значење на зборот доктор, медицинска сестра, болничар…
-Пa, видете, ние живееме во свет каде најбитната споредна работа на светот е фудбалот. Сите ние сме зависни од тоа да гледаме фудбалски, кошаркарски , ракометни итн утакмици. Сите сакаме да уживаме во тој адреналин, кој го добиваме кога треба да победи нашиот омилен тим. Мојот омилен тим е Манчестер јунајтед, кој за жал последните пет години е на едно разочарувачко ниво, но само што почна да фаќа ритам, се прекинаа сите првенства. Да се навратам, кога живееме во ваков свет, кога здравите луге се опседнати со утакмици, политика, економија, туризам, индустрија итн, никој нема врема да ги слушне болните, кои секојдневно се по болниците, барајќи спас за својата ситуација. Сега се наогаме во една состојба каде и здравите и болните, богатите и сиромашните, оние од градовите и оние од селата, сега сите заедно сме засегнати и на сите ни е скратен комодитетот кој сме го имале. И ќе кажам, не постои нешто како ЗАДОЦНЕТ АПЛАУЗ, ЗАДОЦНЕТО ДАВАЊЕ БЛАГОДАРНОСТ и слично. Секогаш е добро време да се каже, БРАВО, БЛАГОДАРАМ, ВЕ ПОДДРЖУВАМ. Но тоа треба сега и веднаш, да се каже и на полицијата, и на војската, и на пожарната, и на работниците, и на уметнците, и на пензионерите и на сите останати кои не ги спомнав, бидејќи човечно е да се сакаме, човечно е да си помагаме, човечно е да си даваме поддршка, зошто на крајот од денот решавањето на оваа состојба зависи ОД СИТЕ НАС ЗАЕДНО!!!
6.Како го користите времето во кое имате право да излегувате надвор. Ја сакате ли природата, одете ли на прошетки или…..
-Бидејќи сега имаме задолжителни мерки, полициски час, се солидализирам со сите граѓани, така да веднаш после работа, доколку имам време и тоа да биде после 14.00 часот (за да им ги оставиме оние 2 часа на пензионерите), пазарувам одредени намирници и веднаш се враќам во мојот дом, каде може да си седам на терасата, а остатокот од денот дома. Мора да ги испочитуваме овие мерки, за да се заштитиме сите заедно.
Како, како медицински експерт, гледате на разните теории на заговои во врска со короната и пандемијата?
-Се справуваме со еден чуден вирус, кој има еден многу необичен тек на развивање на болест. Во рок од 24 часа, се менува состојбата на пациентот и потоа многу тешко може да се избориме за неговиот живот. Кога пред вас ќе видите пациент кој умира, а вие сте немоќен да помогнете, со целата техника на 21 век, тогаш не е битно дали е заговор, дали вирусот е направен во лабораторија или едноставно обичен вирус измутирал поради неправилно злоупотребување на антибиотиците, кои луѓето ги земаат на своја рака. Единствениот начин да излеземе од оваа криза е да ги следиме препораките на Министерството за здравство, каде Д-р Венко Филипче, во одлична координација со сите доктори, одлично ја менаџира оваа пандемија. Имаме солиден медицински кадар, кој до сега на одличен начин одговора на предизвиците од Корона вирусот.
Што би им порачале на оние кои го читат овој разговор?
-Да ги почитуваат мерките на Министерството за Здравство, да користат средства за дезинфекција на рацете, да се избегнува групирање, да се оддржува дистанца 1.5-2 метри и да издржиме, зошто искрено сум оптимист дека за брзо време ќе излеземе како победници од оваа пандемија.
И за крај, кој ќе победи во оваа „утакмица“ короната или човекот?
-Ова не прва опасност која му се има заканато на човештвото. Сме имале Крстоносни војни, Прва, Втора Светска војна, сме имале епидемии и пандемии на колера, ебола, тифус итн, да не ја спомнуваме СИДА, да не ги спомнуваме модерните “пандемиоидни” болести како дијабетот, кардиоваскуларните заболувања, канцерите, белодробните заболувања итн. Па ако се потсетиме пред 30 години, беше скоро сигурна смрт кога ќе добие пациентот инфаркт на срце, а денес, во Р.Северна Македонија, имаме 11 ангиографски сали и 3 кардиохируршки центри, каде влегува пациент на умирање, а веќе наредниот ден си оди здрав. Така и со оваа пандемија, на крајот од денот ќе и го најдеме “чарето” и повторно човештвото ќе излезе како сигурен победник.
Имам само една порака за крај, порака која ја слушаме секојдневно, но тоа е многу битен гест , со кој сите заедно и побрзо ќе се избориме со овој Корона вирус:
НИЕ СМЕ НА РАБОТА ЗА ВАС, ВИЕ СЕДЕТЕ ДОМА ЗА СИТЕ НАС !!!
Ќе издржиме, ќе победиме и ќе излеземе уште посилни и по сплотени од било кога, зошто ние сме силен и горд Македонски народ!!!
Разговарал: Иван Бојаџиски