РАДОВИШ: наградени најдобрите работници во Бучим и Боров Дол
Радовиш, 28.08.2020
По повод 28 август, денот на македонските рудари и големиот христијански празник Успение на пресвета Богородица, која воедно е и заштитничка на рударите, рудниците за бакар Бучим и Боров Дол во знак на благодарност за вложениот труд на рударите им оддадоа признанија, со тоа што на најдобрите работници помеѓу двата празника им доделија плакети и соодветна парична награда.
“Денот на рударите е еден убав повод за оддавање на признание за трудот и напорите на рударите, професија чиишто претставници имаат значајна улога за опстанокот на самиот човек. На овој празник, сите ние треба да им оддадеме признание на рударите и да им се заблагодариме за нивната напорна работа, затоа што скоро секој предмет што го користиме содржи минерални суровини кои доаѓаат од некој рудник, благодарение на трудот на некој рудар,” рече Павло Кривинскиј, генерален директор на Боров Дол.
Вкупно на 62 вработени им се доделени признанија и награди за нивната работа, вложен труд, придонес, знаења и вештини кои несомнено придонесоа за успехот на работата на рудниците во периодот помеѓу двата празника. Воедно, рудникот Бучим по повод празникот, обезбеди поддршка за реализација на потребите на локалните училишта и детските градинки, со кои ќе се овозможи унапредување на образованието на идните генерации. Годинава традиционалната свеченост за одбележување на празникот по повод Денот на рударите, не е организирана, заради присуството на Ковид-19 вирусот.
“Рударската работа бара не само највисоко ниво на професионалност, туку и посебни лични својства како издржливост, истрајност и подготвеност. Посветеноста и трудот на рударите е достојна за почит и со право можеме да бидеме горди и благодарни на посветеноста и трудот на нашите вработени. На сите рудари им го честитам празникот Денот на рударите и им посакувам здравје и благосостојба. Среќно!”, гласи обраќањето на Николајчо Николов, заменик генерален директор на Бучим.
Кристина Крстева