Софија, 24.05.2019
Маријана Иванова, млада македонска ликовна уметница со потекло од Виница, во вторник, на 21 овој месец, во Софија,главниот град на Република Бугарија, ја отвори самостојната изложба на плакати под наслов Imposter:Поврзување. Изложбата е отворена во Културно-информативниот центар на нашата држава.
Уметницата Иванова изложи 23 плакати кои се нејзини дипломски проекти создадени за време на студиите во Националната Ликовна Академија во Софија, катедра ,,Плакат и визуелна комуникација‘‘.
Седум од нив се од одбраната на додипломските студии, инспирирани од романите на Херман Хесе (ментори: проф. Георги Јанков и ас. Ненко Атанасов) и 16 филмски плакати од магистерскиот проект на младата авторка (ментори: проф. д-р Иван Газдов и ас. Ненко Атанасов).
„Сакам да ја изразам мојата благодарност до сите кои дојдоа на отворањето. Благодарам на Иво Пецов, организатор и координатор на проектот ,,Поврзување‘‘ кој ме покани да бидам дел од од истиот. Благодарам и на директорот на КИЦ на Р. С. Македонија во Софија, г-н. Сашко Насев, за поканата за соработка и за исцрпниот осврт за моите дела и филмските плакати. Особена чест и гордост за мене претставуваше поддршката на мојот професор д-р Иван Газдов – едно од најистакнатите имиња на светската сцена на мајсторите на графичките уметности, основач на авторскиот плакат како жанр и графикатурата.
Благодарности и до моето семејство и пријателите кои секогаш чекорат со мене кон секој нареден успех и ми се најголема поддршка и искрена критика. Благодарам и на целата наша Катедра „Плакат и визуална комуникација“ за сите пренесени знаења и искуства. И благодарам и на публиката, која е главната причина и мотивација да продолжам да создавам нови дела!
Едно интересно и ново за мене благодарам ќе упатам и кон дедо Иван Жерков, со којшто не се познававме до вчера, но ми пријде со големи комплименти за делата и еден скапоцен подарок – албум со плакати од мајсторите на полската плакатна школа“, изјави за istokpress.mk уметницата Иванова која забрзано со својата уметноста ја освојува и Европа.