Штип, 03.02.2020
Опозициската ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот на Штип Благој Бочварски во нова војна на зборови и докажувања овојпат за машината за чистење снег, тнр. „соларка“ која Општина Штип ја набави деновиве.
-Градоначалникот на Општина Штип, веројатно загрижен за состојбата со снегот по улиците, одлучил ЈП Стипион да набави амортизирано, 20 години старо, расходувано возило за цена од дури 2.478.000 денари (40.000 евра).
Оваа година немаше снег и не не‘ изненади. Но, цената и годината на производство на набавената соларка – не‘ замисли. Градоначалникот, како вообичаено не пропушти прилика да се пофали со набавеното возило. Истото е наменето за чистење на коловози во зимски услови, но заборави да ги информира граѓаните за цената, функционалноста и годината на производство.
Информација, која за локалната самоуправа можеби не толку важна, но за граѓаните на Општина Штип од огромно значење, рекоа опозиционерите.
Бочварски им одговори со контрапрашње за многу пари потрошени од нивните претходни општински водства.
-ВМРО-ДПМНЕ до пред две години ја пустошеа и разграбуваа општината и заедно со јавните претпријатија ја оставија во минус од 9 милиони денари само за плати, 18 милиони денари долг на училиштата и над 10 милиони денари судски пресуди против општината. Истите тие денеска прашуваат зошто ЈП „Стипион 2011“ набави половно возило за чистење снег.
Истите тие кои беа десет години власт, а во советот седеа и молчеа додека во Штип снегот се чистеше рачно без механизација, додека во јавното претпријатие се трошеа цели 80 илјади евра повеќе за нафта годишно отколку што ние трошиме денеска и тогаш мудро молчеа и креваа рака во советот под партиска директива. Да немаше Општината за расчистување долгови од преку 600 илјади евра кои ги направи Вмро-Дпмне, ќе набавевме ново возило кое чини над 120 илјади евра.
ЈП „Стипион 2011“ набави половно функционално возило за чистење снег после 30 години, а прашањето е зошто Вмро-Дпмне не набави половно, а уште помалку ново возило за цели 10 години, им возврати Бочварски.