Штип, 18.03.2020
Во петок Штип нема да го има својот градски пазар, СВР Штип ќе продолжи со зголемени патроли на сите јавно-прометни површини во текот на попладневните часови, на спортските терени во градот, на плоштадите и патеките за прошетка и секаде кадешто има поголема концентрација на граѓани.
Година штипкани и нивните гости нема да сведочат за народниот обичај Четр’се кој традиционално се одржува на 22 март, Денот на пролетта кога на средновековната тврдина Исар се искачуваат илјадници граѓани. Тој ден нема да има поставување на било какви подвижни тезги за малопродажба а се забрануваат и сите останати настани поврзани со овој празник
Oва е одлучено на денешниот состанок на Општинскиот Штаб за заштита и спасување. Состанокот се одржа во проширен состав со претставници на ЦЈЗ, ДСЗИ, Државен пазарен инспекторат, СВР Штип, ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“…
-Се апелира до куќните совети во колективните станбени згради, да извршат дезинфекција во своите влезови, во лифтовите и во сите заеднички површини.
СВР Штип ќе ја зголеми контролата за сите возила со странски регистарски таблички кои влегуваат во градот со што ќе се врши уште еден начин на заштита во оваа состојба, рече градоначалникот Благој Бочварски.
Општина Штип ќе превземе обврска за набавка на поголема количина заштитни средства, дезинфекциски средства, маски и ракавици за потребите на Општината и на сите институции на територијата на Штип со што ќе се придонесе за заштита на вработените, а со тоа и на граѓаните, порача градоначалникот во функција на прв човек на Општинскиот штаб за заштита и спасување,
Тој апелира до граѓаните да пријавуваат повратници од странство кои не ги почитуваат насоките од Министерство за здравство и Владата на бројот на МВР 192.
Пензионерите, лицата со посебни потреби и лицата со други болести да не ги напуштаат своите домови доколку не е неопходно и да ги користат телефонските броеви на Општина Штип (078 472 621 и 032 226 623) со што мобилните екипи ќе им излезат во пресрет за нивна помош од типот на: плаќање на сметки, пазарување на основни намирници за исхрана, подигање на лекови од аптека и достава до живеалиштето.
-Апелираме до граѓаните да не создаваат залихи од прехрамбени производи и средства за хигиена во своите домови, бидејќи снабдувањето со храна и основни продукти во градот е редовно и достапно за сите, рече Бочварски.