Штип, 08.05.2018
Студентите по медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ и денес ја продолжија акцијата под наслов „Здравје за сите“. На пултови на плоштадот, пред стара НАМА, пред ТУШ и пред КАМ во Сењакот, дваесеттина студенти на сите граѓани кои тоа ќе го посакаат им го мерат крвен притисок, шекер, пулс и респирација.
Вчера Истокпрес донесе приказна за оваа активност на студентите по медицина, а денес ја продолжуваме сторијата преку разговор со нашите идни доктори за нивните надежи и очекувања по завршување на факултетот.
Прво што ни рекоа Викторија, Исидора и Мартина од Штип како и Марија од Прилеп, сите четири студентки на четврта година, е тоа дека Медицинскиот факултет е еден од најтешките и трае најдолго, дури шест години. Но, младешката опиеност да им се помага на луѓето од здравствен аспект ги навела да се запишат токму на овој факултет.
На прашањето каде, како идни доктори ја гледаат својата иднина девојките во еден глас ни одговорија дека би сакале да останат во татковината и да се грижат за здравјето на нашиот народ но…
„Се ќе зависи од тоа каков третман ќе има здравството а пред се докторите од страна на државата. Ако и понатаму после шест години деноноќно учење, безброј неспиени ноќи, тешки испити, часови поминати во практична настава, кога ќе се вработиме ќе ни биде понудена почетна плата од 15.000 денари ќе кажеме само „благодарам, не“ и ќе си заминеме таму каде што повеќе ќе не почитуваат“, ни рекоа Викторија, Исидора, Мартина и Марија.
Овие млади личности ценат дека кај нас не се добри ниту условите во болниците. Велат дека државата мора да гради нови болници по европски и светски принципи, младите доктори да имаат шанса да одат на специјализација во развиени здравствени системи…
„Сето ова е во една меѓусебна поврзаност. И условите и платите и можностите за напредување во струката. Го бараме тоа како идни доктори, но го бараме не само за себе туку и за луѓето за чие здравје ќе се грижиме, а се во согласност со Хипократовата заклетва која и ние како нова генерација во здравството ќе мораме да ја полагаме“, велат студентките.
Тие се среќни што овие денови му се посветуваат на здравјето на штипјани. Велат дека е голем бројот на граѓани кои ја користат приликата за бесплатна проверка на своето здравје. По завршувањето на акцијата ќе се направи анализа на здравствената положба на штипјани која јавно ќе биде објавена. Но, за тоа,секако, треба време.