29.07.2022
Пензионерите се најодговорната категорија на граѓани кои навреме сакаат да ги обезбедат сите неопходности за секоја претстојна зима. Но, годинава, наместо огревно дрво за кое имале навремено уплатено пари, близу илјада штипски пензионери членови на Здружението на пензионери и членови на Здружението на трудови инвалиди си ги добиваат парите назад па сега сами ќе мора да се снаоѓаат во однос на греењето за претстојната зима.
Проблемот го направија радовишките фирми „Вистоли“ и „Ѓоргина“ кои прво потпишале договор со соодветните штипски зздруженија за навремено снабдување со бука и даб, за пред да започнат со испораката да се попошманат во однос на цената и да одлучат еднострано да го откажат договорот.
-Со овие фирми имаме договор потпишан во месец април годинава, а со тој договор тие беа обврзани да не снабдат со 3.500 кубни метри огревно дрво за тековниот зимски период. И порано, четири години во низа, со овие фирми сме имале сосема коректна соработка, но годинава настана проблем за кој ние немаме никаква вина, ни изјавија м-р Ристе Нетков, претседател на Здружението на пензионери и Јаким Величковски, прв човек на Здружението на пензионери трудови инвалиди. И двете здруженија за своите членови во овој случај само вршат услуга преку посредување.
Проблемот е во следново: со договорите од месец април двете здруженија за своите илјада членови требало да добијат вкупно 7.000 метри кубни огревно дрва по цена од 3.400 денари за буково и 3.500 за кубен метар дабово дрво. Но, кога требало да тргне испораката фирмите снабдувачи од Радовиш се попишманиле и побарале корекција на цената на 3.900 денари за кубен метар буково и 4.000 денари за кубен метар дабово дрво. Во спротивно, тие кажале дека нема да ги обезбедат договорените количини.
-Ние немавме друго решение освен да ги извадиме парите од банка и да им ги вратиме на нашите членови кои имаа уплатено за огревно дрво. Иако ние немаме никаква вина за овој случај, на нашите членови им појаснивме дека сме тука за и во иднина да им бидеме логистичка поддршка.
Се обидовме да ги слушнеме и аргументите на Славе Николов и Тони Андонов, сопственици на радовишките фирми „Вистоли“ и „Ѓорѓина“ но, на нашите повици по мобилен никој не се јавуваше.
Неофицијално дознаваме дека тие се соочиле со факт дека други фирми ги продавале дрвата по новата цена која и тие ја побарале од штипските Здруженија на пензионери, и притоа предупредиле дека цената на огревното дрво наскоро можела да се зголеми на над 4.200 денари.
Пред вратите на двете пензионерски здруженија во Штип има гужви од пензионери кои доаѓаат да си ги повратат парите, а како ќе се снабдат со огревно дрво за престојната зима никој од нив не знае.