Штип, 22.03.2019
Штип – Исарот, средновековна тврдина која доминира над Штип и од која се пружа најубавиот поглед на целиот град, и на годинашниов Ден на пролетта беше полн со народ, при што доминираа младите и децата. Штипјани, но и бројни гости од повеќе наши градови, се искачија на тврдината и соодветно на народниот обичај, дел од нив попатно собираа по 40 каменчиња од кои 39 ги фрлаа кон реката Брегалница која тече во подножјето на тврдината, а четириесеттото си го носе дома. Според народното верување, каменчето се става под перница, а личноста која таа ноќ ќе ја сонувате ќе ви стане брачен другар ако веќе не сте во брак. Сето тоа е и во рамките на народниот обичај „Четрсе“, кој од 2014 година е под заштита на УНЕСКО како нематеријално културно богаство од светско значење.
Најсреќни и најподготвени за настанот беа жителите на куќите сместени под самата тврдина. Тие и годинава не ја напуштија традицијата ширум да ги отворат своите порти за сите добронамерници, при што домакинките принесуваа мекици, а домакините ги нудеа гостите со ракија. Преданијата велат дека на овој убав ден се испивале и по 40 чаши ракија, но тоа сега не беше случај, или барем за такво нешто ние денес не слушнавме.
„И годинава се искачивме на Исарот, предел преполн историја. Не послужи и времето па прошетка по нагорнината беше преубава, а и добро е за здравјето. Си го направив адетот, собрав 40 каменчиња, последното си го однесов дома па со нетрпение ја чекам ноќта да видам дали некое момче ќе сонувам како мој иден брачен партнер“, со насмевка ни рече Верица Јосевска, студентка од Штип. Нејзините другарки Катерина Илиева и Евгенија Николова само ни ја потврдија приказната не Јосевска велејќи ни дека и тие го направиле истиот ритуал.
На Исарот можеа да се сретнат луѓе од сите генерации. Од баби и дедовци кои ги држеа своите внуци за раце, па не се знаеше кој кого води и придружува, преку студенти се до ученици од средни и основни училишта. На патеката кон врвот го сретнавме и брачниот пар Јованови. –„Сопругата Вера го направи ритуалот, последното каменче си го зеде за вечерта да си го стави под перница, а мене баш ме интересира кого таа ноќва ќе го сонува, се надевамам дека јас пак ќе и дојдам на сон“, во шега ни зборуваше сопругот Илија.
Најголем дел од младите како да заборавија на ритуалот.
„Се искачуваме на Исарот бидејќи е тоа наша традиција, времето е убаво, не пуштија од училиште, а немаме намера да собираме каменчиња зашто веруваме во тоа дека ќе ни се случи она кое судбината ни го има определено“, коментираа средношколките Лидија и Зорица.
Рано утрото ученици од штипската гимназија „Славчо Стојменски“ во еколошка акција го чистеа коритото на реката Отиња, а околу пладне во големиот и убаво уреден двор во Домот на млади, се одржа музички хепенинг на кој настапи Градскиот хор
Дел од посетителите на Исарот ја посетија и убавата црква „Свети Арахангел Михаил“ која се наоѓа на почетокот од тврдината, каде запалија свеќи за здравје на своите најблиски.