Штип, 11.03.2020
Штипјани веќе трет ден се сведоци на неверојатна за овој град појава. Во реката Отиња има вода! Ова не се случува секој ден, па минувачите во централното градско подрачје не можат да се начудат на фактот дека во нивната река тече вода! И, секако, не можат да се изнарадуват на водата која „патува“ кон вливот на Брегалница.
За Отиња се вели дека е суводолица. Во услови на поројни дождови, како во 2013 година, знае да надојде и да направи голема беља. Но, во најголем дел од годината нејзиното забетонирано корито е главно барут суво.
Едно време тревниците во погорниот слој од речното корито се наводнуваа со вода од бушотини. И тоа беше веројатно единствен случај во светот – река да се снабдува со вода од вештачки извори.
Убавата глетка докажува од какво големо значење е изградбата на браната на Отиња, процес кој се очекува да започне оваа пролет или лето, а за што Штип од Владата доби седум милиони евра. Со брана и коритото на Отиња секогаш ќе биде како на сликата…
Оваа убава глетка на речното корито само докажува колку е значајна изградбата на браната на оваа река. Браната, за која Владата на Штип му додели седум милиони евра, треба да започне да се гради пролетва или преку лето. Таа ќе биде со капацитет од 3,5 милиони метри кубни вода, односно нејзината зафатнина ќе биде за двапати поголема од браната Гратче кај Кочани.
Со изградбата на браната Штип, конечно, ќе добие квалитетен рекреативен центар за одмор и рекреација, спортови на вода, спортски риболов, туризам, а преку круната на браната ќе има пат кој ќе ги сврзува населбите Блок 77 и Суитлак.
И, што е најважно за оваа приказна, браната ќе овозможи преку цела година во коритото да тече вода како биолошки минимум кој според законот мора да го има. Хидролошката студија докажува дека од една просечно врнежлива година браната целосно ќе се полни.